Со свеченост и официјално пуштање во употреба, денеска беше отворен новиот патен правец Гевгелија – Богданци, инвестиција вредна 5 милиони евра финансирана преку буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.
На настанот присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, вицепремиерот и министер за транспорт и врски, Александар Николоски, како и директорот на ЈПДП Коце Трајановски.
Овој пат има огромно значење за целиот јужен регион и претставува директна поврзаност со коридорот 10, Грција, Србија и главниот град Скопје.
- Покрај сите оние проекти коишто навистина прилично амбициозно и успешно ги работи Министерството за транспорт и ЈПДП, можам да напоменам дека во моментот со завршување на вториот повик за аплицирање на проекти коишто ќе ги финансираме од државниот буџет, а се однесуваат на единиците на локална самоуправа, општините, плус оние коишто беа од првиот повик вкупно ќе имаме околу 1.200 градилишта, нешто што не се случило никогаш до сега во независна Македонија, одеднаш на 1.200 точки да се работи нешто, што е многу важно, рече премиерот Мицкоски на денешното пуштање во употреба на реконструираниот пат Понов мост-Богданци.
-И кога на сето тоа ќе ги додадеме и сите овие проекти коишто се завршуваат, отпочнуваат а коишто надвор од оваа програма ги финансира Владата и јавните претпријатија и акционерските друштва во сопственост на државата, доаѓаме до импресивна бројка од 1.500, нешто коешто навистина претставува реткост и сега имаме навистина тука еден би рекол исклучително чуден случај, пример како сакате да го наречеме дали нашата градежна оператива сето ова ќе може одеднашка да го совлада и да го изработи.
На сметка на ова ќе имаме еден состанок во Стопанската комора во петок заедно со господата позади мене и со претставниците на Стопанската комора и градежната комора каде што ќе разговараме да направиме еден план една динамика, затоа што ние сакаме што е можно повеќе македонски градежни компании, македонска градежна оператива да ги исполни обврските поврзани со сите овие градилишта за коишто претходно зборував, рече премиерот.

Мицкоски порача дела разликата е тоа што досега имаше до пред една година еден принцип како до сега кога Македонија се крадеше, сега во изминативе година дена има поинаков принцип, а тоа е дека Македонија се гради и Македонија ќе продолжи да се гради.
-Јас уште еднаш ќе им се заблагодарам и на Коце Трајановски и на Александар Николоски, и на вработените во министерството и на вработените во јавното претпријатие. Исто така би сакал да искажам голема благодарност до пратениците во македонското Собрание коишто доаѓаат од овој дел на југоисточна Македонија коишто жестоко се борат за проект повеќе да биде тука сработен во овој дел од државата и тоа прилично успешно го прават. Благодарам на граѓаните бидејќи тие се нашата инспирација и убеден сум дека во периодот коишто следи заедно ќе направиме уште илјадници нови проекти, рече премиерот.

-Изградбата на патниот правец Гевгелија-Богданци има огромно значење за развој на регионот бидејќи поврзува неколку општини и населени места и дава силен инпут во развој на бизнисите и подобра комуникација на жителите, истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски на настанот по повод пуштање во употреба на патниот правец Гевгелија-Богданци, вели вицепремиерот и министер за транспорт, Александар Николоски.

Инвестицијата е во вредност од 5 милиони евра, средства се обезбедени од буџетот на ЈП за државни патишта.
-Навистина е убаво кога се отвораат нови проекти. Денеска отвараме еден пат што многу значи за целиот регион. Значи за Богданци, за Гевгелија, за Валандово и Дојран и за целиот регион затоа што им овозможува подобра комуникација на сите овие општини и населени места.
Мене ми е драго што се заврши проектот, ова беше еден од заглавените проекти кои што ги наследивме, но еве се завршува, имаме еден нов модерен пат, пат кој целиот овој регион го поврзува со коридор 10.
Преку тоа го поврзува со Гевгелија и со соседна Грција и Србија, го поврзува со главниот град Скопје и овозможува многу можности како за бизнис така и за размена, за студентите побрзо да стигаат до факултетите, земојделците побрзо да ги продваат своите производи и за сите кои живеат во овој дел за еден побрз напредок.
Би сакал да се заблагодарам на Премиерот затоа што големи проекти без силна подршка не се реализираат. Ние сме на дневна основа во комуникација и координација и без Премиерот и без неговата подршка ни овој проект немаше да е возможен. Претседателе благодарам, рече Николоски.

„Благодарност за сите кои се вложија во реализција на проектот, на вредните работници кои што работеа на овој проект, на ЈП за државни патишта, на вработените во министерството за транспорт и останатите институции кои помагаа. Нека е за среќа и да се гледаме за уште многу, многу убави проекти“, истакна вицепремиерот Николоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата