Царинската управа значително го подигна нивото на контрола преку поставување соодветни профили на ризик, што резултираше со откривање на три обиди за криумчарење злато на скопскиот аеродром во изминатите две недели. Директорот на Царината, Бобан Николовски, информираше дека при овие акции се запленети 285 грама злато со вредност од 23 илјади евра. Покрај овие случаи, спречен е и обид за шверц на злато на граничниот премин Богородица, при што во сите ситуации благородниот метал е одземен, а против прекршителите се поведени соодветни кривични постапки.
Николовски потсети и на еден од најголемите успеси на царинските службеници на Меѓународниот Аеродром Скопје, кога беше спречено криумчарење на 1,7 килограми исклучително скапоцен златен накит. Овој накит, кој бил предмет на судско вештачење, е проценет на вредност од речиси еден милион евра. Овие резултати, според првиот човек на Царината, се потврда за ефикасноста на новите стратегии за следење на светските трендови и навремено пресретнување на илегалната трговија со скапоцености.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата