Иако пред 10-15 години зборувавме за компјутер за секое дете, денеска се радуваме ако учебниците ги доставиме на време, за да можат децата да ги користат. За жал, имавме една катаклизма, којашто 7 години беше влада во Македонија и последиците се разорни. Работиме приоритет по приоритет за да ги вратиме работите во нормала, рече денеска премиерот Христијан Мицкоски на промоцијата на новите учебници за следната учебна година.
– Јас сум свесен дека има граѓани на коишто трпението им е при крај, но важно е да ние нашите цели и приоритети ги реализираме и да оставиме впечаток дека даваме максимум за да работите се доведат онаму каде што им е местото. Еден од тие процеси е и ова системско решавање за снабдување на нашите најмили, на децата, со учебници, рече премиерот.

Тој рече дека е жално што во време на вештачка интелигенција, современи напредни технологии, ние се радуваме дека на време сме ги доставиле учебниците.
– Но, тоа е што е. Таа политичка катаклизма која што ја донесоа СДСМ и ДУИ е минато, и она што ние како Влада имаме обврска да го направиме е да никогаш повеќе тоа да не се повтори.
Би сакал да ја искористам оваа прилика да се заблагодарам на министерката за образование, на луѓето од нејзиниот тим во Министерството во образование, на градоначалникот, на пратениците од Општина Аеродром, на директорката во ова училиште и во суштина на директорите и вработените во образованието низ цела Македонија, за трпението коешто го имаат и за знаењето коешто го пренесуваат на нашите најмили, а тоа се дечињата. Сепак тоа е, би рекол, благородна работа и јас уште еднаш им честитам за сето она коешто го прават и за децата и за Македонија како држава – рече премиерот Мицкоски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата