Завршува анализата на Државниот пазарен инспекторат за порастот на цените на прехранбените производи и се очекува следната недела Владата да донесе одлука или мерка за намалување на цените. Ова го најави заменик-министерот за економија и труд Маријан Ристески.
Во последниот период е забележано дека нивото на цените на некои производи расте, најмногу кај тие кои претходно беа опфатени со мерки на Владата. Посебно е видливо покачувањето кај цените на кафето и маслото за јадење, за кои Ристески појасни дека се под влијание од светските берзи.
Нашата анализа укажува на минимално зголемување на дел од цените споредено со периодот пред завршувањето на владините мерки пред еден месец. Некои производи останаа со истите цени, но кај кафето и маслото има поизразено пораст. Крајната одлука ќе зависи од комплетната анализа што ја подготвуваме и која ќе биде завршена идната недела.
Тој додаде дека институциите ја следат состојбата со цените и глобалните случувања. Владата одржува редовни состаноци по ова прашање, а евентуална ескалација на ситуацијата на Блискиот Исток може да доведе до дополнителен притисок врз светската и националната економија.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата