По повод 23 Април – Светскиот ден на книгата и авторското право, законодавниот дом, симболично, во собраниската библиотека, го организираше настанот „Читај меѓу редови“, посветен на книгата како трајна вредност, извор на инспирација и простор за дијалог меѓу различни искуства, генерации и општествени хоризонти.
Настанот го модерираа Томе Гушев и Елена Давчева-Стојановска од собраниската служба, а поздравно обраќање имаше претседателот на Собранието, Африм Гаши, кој истакна дека од книгата произлегуваат, се обликуваат и добиваат трајност мислите и идеите, кои, пак нè водат кон одржливи решенија за граѓаните.
„Книгата не е само производ, туку резултат на долг дијалог помеѓу авторот и читателот. Таа е чин на доверба дека напишаниот збор ќе ја најде својата адреса. Книгата комуницира со нас и кога не ја држиме во раце. Можеби стои тивко на полицата, но е присутна во нас како спомен, како можност, како дијалог што чека да продолжи.“ – рече Гаши.
Во националната порака од писателот Иван Шопов по повод Светскиот ден на книгата и авторското право се вели: „Книгите не се за метеж и врева. Тие се како оној лик што не зборува многу, но кога ќе каже нешто – остава трага. Не те убедува и не ти објаснува премногу. Само ти дава нешто и те остава сам со тоа. Некои книги не ги помниш по приказната, туку по чувството, по отпечатокот што го оставиле. По тоа каде си бил додека си ги читал. По тоа што си мислел дека си, и што си сфатил дека не си. И некако, без многу врева, ти поместуваат нешто внатре. Малку, ама доволно.“
Имајќи предвид дека книгата е мост меѓу институцијата, академската младина и културната јавност, студенти беа дел од ова заедничко одбележување на книгата како културно наследство и современа потреба и нејзината улога во обликувањето на личниот интегритет, јавната култура и демократскиот дијалог. Во оваа насока, и претседателот Гаши упати порака до студентите дека процесот на учење не завршува со дипломирањето и за да не заостанат, да продолжат да учат и читаат.
Пратеници од различни професионални, генерациски и општествени профили, споделија книжевно дело што оставило особено влијание врз нивниот личен и вредносен развој.
Востановен од УНЕСКО во 1995 година, Светскиот ден на книгата има за цел да ја афирмира културата на читање, особено кај младите, и да ја истакне книгата како медиум на знаења, емоции, имагинација и разбирање. Во ова динамично дигитално време, книгата останува тивок, но моќен простор во кој се обликува мислата, се продлабочува личниот свет и се негува способноста да се разбере другиот.
Настанот „Читај меѓу редови“ претставуваше можност во собранискиот простор да се соединат пратеници, писатели, автори, академци, студенти, да се истакне вредноста на пишаниот збор како дел од пошироката демократска и културна традиција.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата