Харис Качапор, обвинет за сообраќајката во која на пешачки смртно го прегази бизнисменот Јорго Ќука, не се чувствува виновен. По две одложувања, судењето почна со произнесување вина, воведни говори и докази на обвинителството.
„Не се чувствувам виновен. Ако се утврди дека сум виновен, не било со никаква намера или умисла. Сакам да изразам сочувство до семејството“, рече обвинетиот Харис Качачпор.
На 3 ноември лани, Качапор возел со брзина од 62 км./ч.
Обвинителката го прецизираше обвинението во кое претходно стоеше 53 км./ч.
На булеварот „Гоце Делчев“ кај крстосницата со „Лазар Личеноски“ на пешачки со предниот дел од возилото удрил во велосипедот на Ќука кој починал на лице место.
Обвинетиот бил свесен дека може да настапи штетна последица, но со начинот на кој го управувал автомобилот се согласил со поседицата, рече обвинителката.
„Обвинителството, од низата материјални и вербални докази, ќе докаже дека обвинетиот го управувал возилото со брзина која била недозволена и неприспособена на условите на патот и дека со таквото негово противзаконито постапување, предизвикал штетни последици кај оштетнниот, сега покојниот Јорго Ќука“, рече Елена Жакула.
Адвокатката на Качапор најави дека дека ќе докажува дека немало умисла кај нејзиниот клиент и очекува судот да ја утврди вистината врз основа на докази, а не врз основа на тенденциозни квалификации. Меѓу доказите најави и сообраќјано и психијатриско вештачење.
„Во текот на оваа постапка одбраната ќе докаже дека обвинетиот не постапувал со намера да предизвика смрт, туку дека настанот е резултат на несреќна околност во која учествувал како обвинетиот, така и сега починатиот Јорго Ќука. Ќе докажеме дека обвинетиот е совесен чувствителен и разумен човек“, изјави Теа Дамева, адвокатка на Качапор.
Снимката од камерите на Сејф Сити на булеварот „Гоце Делчев“ беше еден од доказите на обвинителстовто кои беа изведени на судница.
Додека се емитуваше видеото, обвинителката објаснуваше дека Ќука, откако со велосипедот го минува дел од булварот во кој возилата се движат во насока кон „Мавровка“, застанува на островот во средина додека поминуваат неколку возила.
Потоа, кога продолжува по другот дел од булеварот, на првите две коловозни ленти, возилата стојат и ги пропуштаат Ќука и уште едне пешак. На третата лента возилото „Фолксваген“ удира во Ќука, а на снимката се забележува моментот на ударот.
Денеска сведочеше и пешакот кого обвинителката го прогласи за непријателски сведок, затоа што според записниците од сослушувањето во полиција и обвинителство тој го опишал моментот на ударот, а денеска тврдеше дека тоа не го видел, туку само слушнал тресок на третата лента, а потоа го видел телото.
Рече дека записникот го потпишал, но не го видел.
Качапор е претходно осуден во предметот „Синџир“ за делата „Злосторничко здружување“, „Даночно затајување“ и „Перење пари“ и во спогодба со обвинителството доби условна казна.
Деновиве неговата фирма „ХСА Констракшн“ беше споменувана во јавноста откако градоначалникот на Аеродром затекна како камион нелегално истура градежен шут во Долно Лисиче. Фирмата доби и казна од 20.000 евра.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата