logo
logo
logo

Парите ги префрлале кај лица блиски до газдата

ГАЗДА И ДИРЕКТОР НАМЕРНО ПРЕДИЗВИКАЛЕ СТЕЧАЈ - украле 1.200.000 евра

Vecer | 07.07.2026

ГАЗДА И ДИРЕКТОР НАМЕРНО ПРЕДИЗВИКАЛЕ СТЕЧАЈ - украле 1.200.000 евра

Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Штип поднесе кривична пријава против две физички лица, управители и сопственици на едно правно лице, како и против самото правно лице, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела „Намерно предизвикување стечај“ од член 254 и „Оштетување или повластување на доверители“ од член 257 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија.

Првопријавениот Ѓ. З., во својство на управител и сопственик на правното лице, како законски застапник и овластено лице за располагање со средствата и сметките на правниот субјект, во содејство со второпријавениот А. С., во периодот од 2022 година до 2024 година, дејствувајќи заеднички и со однапред утврдена намера, презеле дејствија насочени кон намерно доведување на правниот субјект во привидна финансиска немоќ и економска пропаст.

Во реализација на оваа намера, пријавените, спротивно на должноста за совесно, одговорно и законито управување со имотот и средствата на друштвото, склучувале штетни договори и вршеле пренос на парични средства и друг имот на лица блиски до првопријавениот Ѓ. З., без постоење на реален правен и економски основ за таквите трансакции.

Дополнително, првопријавениот, користејќи ја својата положба на управител, склучил договори за отуѓување на движен и недвижен имот во сопственост на друштвото по цени кои биле очигледно и значително пониски од нивната реална пазарна вредност, без економска оправданост и спротивно на интересите на друштвото и неговите доверители.

На овој начин, континуирано и систематски ги извлекувале средствата од друштвото, значително ја намалиле вредноста на имотот на друштвото и ја оневозможиле можноста доверителите да ги намират своите побарувања, како непосредна последица на што друштвото било доведено во состојба на трајна неликвидност и неспособност за исполнување на своите обврски, што резултирало со отварање стечајна постапка.

Со наведените дејствија, пријавените ги оштетиле доверителите во износ од 13.268.816 денари (216.000 евра) и прибавиле противправна имотна корист за себе и за лица во роднинска врска во износ од 73.538.152 денари (милион и 200 илјади евра).

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk