Градоначалникот на Врапчиште доби пријава од Управата за финансика полиција. Постојат сомнежи дека И.Ш. незаконски склучил и реализирал тендер за реконструкција на локален пат, иако постапката по жалба сè уште не била завршена.
Според Финансиската полиција, со исплатата фирмата која била избрана се стекнала со 193.000 евра противправна имотна корист.
Според соопштението, пријавениот во текот на 2025 година постапил спротивно на Законот за јавни набавки при реконструкција на локален пат во селото Добридол.
Станува збор за договор за реконструкција на патот од центарот на селото до вкрстувањето со сервисниот пат покрај државниот пат А2, делницата Тетово-Гостивар.
Од Финансиската полиција тврдат дека договорот бил склучен на 3 април 2025 година со избраниот економски оператор без да се дочека конечната одлука по поднесената жалба пред Државната комисија за жалби по јавни набавки.
Подоцна, одлуката за избор била поништена.
И покрај тоа, според пријавата, градоначалникот извршил исплата кон фирмата.
„Пријавениот извршил плаќање по однос на склучениот договор на правното лице во вкупен износ од 11.848.675 денари и со овие дејства му овозможил на правното лице да стекне противправна имотна корист“, соопшти Управата за финансиска полиција.
Случајот сега е во рацете на Основното јавно обвинителство во Гостивар.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата