logo
logo
logo

По 20 години овозможено полагање стручен испит

ПРВИТЕ КАПЕТАНИ И МОРНАРИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИ

Vecer | 02.04.2026

ПРВИТЕ КАПЕТАНИ И МОРНАРИ ДОБИЈА СЕРТИФИКАТИ

После 20 години направивме законски измени и за прв пат овозможиме полагање на стручни испити за капетан на брод и бродски екипаж, што е чекор напред кон професионализација на внатрешната пловидба и подигнување на нивото на безбедност во пловниот сообраќај, истакна денеска во Охрид вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, каде присуствуваше на свеченоста на доделување на првите сертификати.

На првиот испит сертификати добија еден заповедник на брод, за управување со меѓународен пловен пат, што е највисоко звање, осум заповедници на брод, за управување со државен пловен пат, еден водач на палуба и шест морнари.

– Уште кога бев избран за министер за транспорт, се соочив со овој проблем и заеднички со Капетанијата на пристаништата и со стручните служби во секторот за транспорт во рамките на министерството, разговаравме и најдовме начини. Требаше да се направат одредени законски и подзаконски измени со цел да се овозможи да се направат овие полагања. До сега тие се вршеле во странство, тоа значело дополнително оптеретување на оние кои што се занимаваат со оваа работа и секако значело помала безбедност во пловниот сообраќај. Особено ми е драго што за прв пат во Македонија имаме женски Заповедник на брод, значи дека ова е работа кој што може секој да ја извршува. Ова е нешто што сакаме да го стимулираме и во периодот кој што е пред нас со цел да може да се регулира пловниот сообраќај во државата и да имаме едно повисоко ниво на безбедност – изјави вицепремиерот Николоски.

Вицепремиерот потесети дека за потребите на Капетанијата бил набавен нов пловен објект, се изврши расчитување на пристаништето во Св. Наум и градското пристаниште во Охрид, а најави и нов заеднички проект со општина Охрид за уредување на кејот.

– Заедно со општина Охрид работиме на еден проект кој што десет години никој не сакаше да го работи. Имено се работи за ново уредување на градскиот кеј со двете пристаништа, пристаништето пред хотел Палас и градското пристаниште. Последен пат интервенции на градскиот кеј се правени во 90-те години, што значи дека преку 30 години ништо не е чепнато. Општината во моментов работи проектирање. Од наша страна ние работиме во делот на пристаништата и очекувам заеднички да подготвиме еден проект кој што ќе значи целосно партнерно уредување на кејот од една страна, од друга страна ставање во функција на пристаништата пред хотел Палас во дел на полесни помали пловни објекти, додека старото градско пристаниште треба да добие комплетно нов лик со цел тука да се укотвуваат поголеми пловила. За тоа разговаравме во Париз, кога бевме во посета на УНЕСКО, четири министри и двајца градоначалници. Можам со задоволство да кажам дека има расположение кај нив заеднички да работиме и сите стандарди на УНЕСКО да бидат постигнати со цел од една страна да се задржи статусот и да се унапреди, а од друга страна да имаме модерен кеј и да имаме функционални пристаништа – додаде вицепремиерот Николоски.

Илија Аранудоски, капетан на Капетанија на пристаништата ја поздрави оваа мерка, најави зголемен обем на инспекциски надзор во следниот период и упати апел за навремена регистрација на пловните објекти и придржување кон прописите од внатрешната пловидба.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk