Ексдиректорите на Државниот пазарен инспекторат, Горан Трајковски-Штраус и Анета Симеска-Димоска се ослободени од куќен притвор. За нив има нова мерка – одземени пасоши. Двајцата се осомничени во предметот за дискотеката „Пулс“, во Кочани. Според сомненијата тие со нивните дејствија овозможиле дискотеката да работи без да ги исполнува сите услови. Нивниот ефективен притвор, првично беше заменет со куќен, а сега по одлука на судот во Кочани, а по предлог на Обвинителството е укинат и куќниот.
Трајковски денеска објави фотографии од црквата св. Петка.
„На денот на жртвата, со мисла за духовното и човечкото. Велики Петок не е само симбол на тишина и тага – туку и на длабока вера, истрајност и надеж. Во денови кога премолчени битки се водат и во тишина, вреди да се потсетиме дека само преку смирение, искреност и добрина можеме да изградиме подобро општество. Во пресрет на најголемиот христијански празник, на сите граѓани им посакувам мир, сила и благослов во домовите. Со добри дела и чиста намера се гради држава“, напиша Трајковски на „Фејсбук“.
По излегувањето од болничко лекување, мерки за претпазливост доби и синот на Дејан Јованов – Деко кој е газда на дискотеката „Пулс“ по чиј пожар загинаа 62 лица, а 197 беа повредени.
Во ефективен притвор останува екс министерот за економија Крешник Бектеши. Неговите претходници Ваљон Сарачини и Беким Незири остануваат во домашен притвор. За амбасадорот Дритон Кучи кој исто така раководеше со ова министерство изречена е мерка на претпазливост. Во куќен притвор се и поранешните градоначалници на Кочани, Љупчо Папазов, Ратко Димитриевски и Николчо Илиев.
Основното јавно обвинителство Кочани, постапувајќи во предметот во врска со пожарот во кабаре клуб “Пулс”, до Основниот суд во Кочани достави предлог за замена на претходно определената мерка куќен притвор во мерки на претпазливост за двајца осомничени во својство поранешни директори на Државниот пазарен инспекторат, а по првпат се бараат мерки за претпазливост и за еден осомничен за пожарот во Кочани кој досега бил на лекување.
Како што се наведува во соопштението, замената на мерките е побарана врз основа на проценка на законските основи за обезбедување и фазата на проверки во однос на оваа институција.
Освен ова, се додава, за првпат по настанот побарани се мерки за претпазливост за уште едно лице од првата група осомничени, кое до сега било на лекување.
„Станува збор за лице од дискотеката, а мерките се предложени во согласност со неговата моментална здравствена состојба и потребата од натамошно лекување“, стои во соопштението од Кочанското Јавно обвинителство.
Во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани што се случи рано изутрина на 16 март, животот го загубија 62 лица, а со повреди се здобија околу двесте.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата