Попладнево службеник од Народната банка, кој е член на политичката партија „Десна“ предводена од Љупчо Палевски, беше приведен откако Велибор Манев, еден од обвинетите за убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, го посочи како човекот на кој му го предал пиштолот што бил употребен при двојното убиство, со цел да биде уништен.
Станува збор за Зоран Д., технички службеник во Народната банка. Обвинителството потврди дека тој е приведен, но засега не е познато дали е пронајдено оружјето или е уништено, како што е посочено во сведочењето.
На денешното судење, Манев изјави дека по барање на Палевски, му го предал ранецот на сопартијецот што работи во банката и повтори дека не го познава таткото на Вања. Тој и натаму тврди дека признанието го дал под притисок и физичка принуда, а дополнително изјави дека Палевски имал двоен план.
„Ранецот е кај член на Десна, вработен како техничко лице во Народна банка. Дознав кога Палевски ми се јави од турската граница и ми кажа да му се јавам на Зоран, да го отстрани пакетот, да го фрли или уништи, за да не може да се најде. Потоа известив дека пораката е пренесена. Тоа е сè околу ранецот и не лажам, иако е документирано на камери.“
Во своите завршни зборови, Љупчо Палевски уште еднаш ја префрли вината врз останатите обвинети. Според него, Манев го организирал злосторството, Видевски бил извршител, а Кешишев стражар при ликвидацијата. Адвокатот на Палевски, Јовица Страшевски, изјави дека Палевски не бил присутен, дека нема докази против него и дека доколку биде осуден, жалба ќе биде поднесена до Стразбур.
„Цело време јавноста беше присутна. Ниту еден доказ не е изведен против Палевски, ниту ДНК, ниту било каков доказ кој го поврзува. Од тие причини бараме ослободителна пресуда. Не му верувам на Манев, можеби уште некого ќе вплете во овој случај.“
На судењето денес, таткото на Вања, Александар Ѓорчевски, побара од Палевски да одговори зошто му ја убиле ќерката, додека адвокатот на Александар, Туфегџиќ, побара ослободување од обвинението за соучесништво, тврдејќи дека клиентот е жртва и оштетен.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата