Судиите и јавните обвинители во последен обид да добијат поголеми плати во 2025 година и покрај најавите на Владата дека ќе нема зголемување на нивните плати поради лошите оценки и малата доверба во правосудството.
Иако законски не можат да интервенираат, тие преку Уставниот суд по втор пат се обидуваат да го вратат барем повисокиот коефициент според кој се пресметува нивниот личен доход и со тоа да добијат дополнителни 250 евра месечно.
Имено, Уставниот суд утре (среда) ќе одлучува по две иницијативи, поднесени од судии и обвинители, за тоа дали намалувањето на коефициентите што го направи Собранието во февруари 2024 година било неуставно и мешање во нивната независност. Тогаш на судиите и обвинителите коефициентите им се намалија во просек 0,5 поени, како дел од општото намалување на платите на функционерите заради реакцијата на јавноста за нагло зголемување на нивните плати за 78% во 2023 година.
Одлуката во среда за тоа дали да поведе постапка или не, ќе биде втора годинава што Уставниот суд ќе ја носи за иста работа.
Имено, во јануари годинава, по барање на Здружението на обвинители и Советот на обвинители дека намалувањето на нивните коефициенти за плата е мешање во нивната работа, Уставниот суд одлучи дека нема основ за такво нешто. Но, ваквата одлука на Уставен не ги задоволила судиите и обвинителите и тие сега повторно се обидуваат да изнудат нова одлука дека намалувањето на коефициентите не е уставно и треба да се вратат старите повисоки коефициенти.
Имено, судиите Ерол Абдулаи и Александра Палашевска поднеле иницијатива до Уставен во која тврдат дека намалените коефициенти за платите на судиите биле неуставни и покрај претходната одлука на Судот, бидејќи од тогаш до сега се појавиле нови околности. Двајцата судии се повикуваат на граѓански тужби и одлуки од граѓански судови да се исплати разлика во плата за месец јануари 2024 година до повисокиот износ според старите коефициенти, наместо помалиот по кој била пресметана платата на некои судии.
„Покрај одлуката на Уставниот суд донесена во јануари 2024 година, да не поведе постапка, во меѓувреме се променети неколку околности, а за тоа посочуваат граѓански постапки за надомест на разлика на плата за месец јануари 2024 година, во кои е одлучено на тужителката да се исплати разлика за помала исплатена плата во нето износ од 15 115 денари, како и да изврши доплата на придонесите на тој износ. Притоа се наведува дека одлуката на Основниот суд Тетово ја потврдува и Апелациониот суд Гостивар, а во други судови и други судии имаат поднесено тужби со барања за помалку исплатена плата за јануари 2024 година. Според подносителот, со оспорените измени, утврдениот коефициент се намалува во 2024 година иако е стекнато право кое судиите го поседувале 17 години. Подносителот бара од Уставниот суд да направи соодветна процена, дали намалувањето на коефициентот кое се оспорува со предметната иницијатива следува како резултат на реални и објективни околности во државата или претставува само популистичка мерка“, стои во наводите на иницијативата на судиите Абдулаи и Палашевска.
Втората претставка е од Здружението на обвинители, преку претседателот Елвин Вели.
„Со оспорените закони се интервенира во член 6 каде што се намалува коефициентот за утврдување на плата, според кој од 2.43-3.21 се намалува на 2.15-2.84 за јавните обвинители, додека за членовите на Советот на јавните обвинители од 3.21-3.47 се намалува на 2.84-3.07. Подносителот тврди дека повреден е принципот на независност на јавното обвинителство и Советот на јавните обвинители, дополнително менувањето на платата преку намалување на коефициентите оди во правец да се изгуби предвидливоста во остварувањето на месечните приходи. Во иницијативата се наведува дека со измените во платите е нанесена директна штета на обвинителите и членовите на Советот врз нивниот личен имот, односно личните примања“, се пожалиле од Здружението на обвинители.
Дополнително, обвинителите се повикуваат дека законската интервенција во коефициентите задира во нивниот личен имот, иако финансирањето на Јавното обвинителство, вклучително и платите на обвинителите, се прави со буџетски, народни пари, а не со приватен капитал. Впрочем, и самата плата на обвинителите е одредена со закон и секој обвинител сам не ја договара платата со претпоставениот, како што тоа има право да го прави кој било вработен во приватниот сектор, согласно Законот за работни односи, преку Договорот за вработување.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата