logo
logo
logo

Македонка јавна обвинителка во Хрватска

„Разочарана сум од македонските обвинители во случајот со Артан Груби“

Vecer | 17.03.2026

„Разочарана сум од македонските обвинители во случајот со Артан Груби“

Јулијана Кенинг е Македонка што живее и работи во Хрватска. Право студирала во Скопје, но својата професионална кариера ја гради токму во Хрватска, каде што веќе 32 години работи како обвинител. Во моментот е заменик на јавниот обвинител во Основното јавно обвинителство во Нов Загреб. Во своето децениско искуство работела на разни предмети од кривичната сфера, а како заменик-обвинител или обвинител на јавно обвинителство има искуство и во менаџерскиот дел.

Во својот поглед од страна за состојбите во правосудството во нашата земја, пред сè, за Јавното обвинителство, Кенинг вели дека новиот јавен обивнител веднаш треба да биде поактивен со наредби и задачи и да бара резултати, да назначи нови обвинители, а од постојните да побара отчет за предметите постари од шест месеци.

Хрватската обвинителка, која е мошне добро запознаена со правосудните состојби кај нас, вели дека е разочарана од предлогот на своите македонски колеги, осомничениот за милионски криминал Артан Груби, по враќањето од бегство, да заврши само во куќен притвор иако опасноста повторно да избега или да влијае на сведоци сè уште постои. Дополнително, таа коментира дека и судот во овој предмет не морал да се води само по предлогот на обвинителот, туку може сам, без предлог, да одреди мерка притвор и по оваа законска основа“.

В среда во нашето Собрание ќе се избира нов државен обвинител – судијата кривичар Ненад Савески се сели во Државното обвинителство. Ако би имале шанса да го советувате, кои се првите работи што треба да ги направи?

„Фактот дека судија, што претходно бил обвинител, ќе стане државен јавен обвинител е позитивен. Неговото искуство и како судија секако го обогатува неговото целокупно согледување на начинот на работење на Обвинителството, кое е всушност странка во кривичните постапки пред судот. И во Хрватска главниот обвинител е долгогодишен претходен судија и мислам дека таквото искуство е драгоцено. Што би му порачала? Прво, мора да преземе чекори за кадровското екипирање на Обвинителството, односно назначување нови обвинители за да се постигне оптимална систематизација, која е нужно потребна за непречено работење на Обвинителството. На сегашните обвинители да им наложи да поднесат извештаи за сите предмети постари од шест месеци, со образложение во кое време се очекува нивното решавање, да побара итно решавање на најстарите предмети и на предметите од голема важност во смисла на големи материјални штети и човечки загуби. Секој месец да му испраќаат извештај колку од овие предмети се решени, а за тие што не се решени, да му дадат образложение зошто не се решени. Мора веднаш да биде поактивен со наредби и задачи и да бара резултати. Измената во новиот закон, со која не е дозволен реизбор, односно можен е повторен избор дури по пет години од истекот на првиот мандат, сметам дека не е добра затоа што на новиот обвинител му е потребно време да ја согледа целата состојба, да наложи и преземе мерки за нејзино подобрување и доколку тоа го постигне во првиот мандат, да му се дозволи да ги ужива благодатите на својот труд и да продолжи со позитивни резултати во новиот мандат. Од лично искуство сметам дека два мандата се навистина потребни, но и сосема доволни. Три се веќе премногу!“

Со доверба од два отсто кај граѓаните македонското Обвинителство е на дното во Европа. Зошто?

„Мислам дека оваа перцепција на јавноста, за жал, е погрешна од причина што на дневна база премногу се бомбардира со вести за поднесени кривични пријави, за лишување лица од слобода за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело или дека е отворена истрага. За жал, јавноста речиси и да не се известува за правосилно довршените кривични постапки, веројатно од причина што времето потребно за провосилното довршување е релативно долго и престануваат да бидат од дневен интерес. Јавноста очекува „попрек воен суд“ – судење без со закон пропишана кривична постапка. Народот сака брзи резултати, меѓутоа тоа е невозможно бидејќи дури од известувањето за сторено кривично дело и утврдувањето на основаното сомнение Обвинителството почнува да ги анализира доказите, по потреба да бара нови, да испитува сведоци, да бара потребни податоци од надлежните институции итн. за да поднесе обвинение што судот треба да го потврди, а за тоа треба време, особено во посложените предмети, кои траат и по четири-пет години додека да се стигне до правосилна пресуда“.

Но перцепцијата можеби и не е толку погрешна ако знаеме дека обвинителот за политичар што избегал поради милионски криминал предлага куќен притвор, а за обичен граѓанин што украл ќебапи – притвор…

„Што се однесува до постапката со Артан Груби, разочарана сум. Разочарана сум бидејќи за Груби се донесе одлука само по законската основа: да се спречи опасноста од негово бегство и, за мене, на несоодветен начин. Со одредувањето на мерката куќен притвор не може со сигурност да се превенира неговото повторно бегство со цел да го избегне водењето на кривичната постапка против него. Тој, пред сè, побегна од државата со цел да ја избегне кривичната одговорност и, по мое мислење, се врати во моментот кога се процени дека е погоден за него и се донесе одлука најповолна за него.

Јас се прашувам како обвинител, што со другите точки, кои предвидуваат предлагање и одредување истражен затвор? Во конкретниот случај целосно се исполнети законските услови за одредување истражен затвор и поради опасноста од влијание на сведоци и уништување докази.

Груби од куќен притвор може да влијае на потенцијалните сведоци со кои може да комуницира и да ги инструира, тие може да му доаѓаат дома, може телефонски да стапува во контакт со нив, може да им дава упатства како некој доказ да го скријат или уништат.

Од затворот во Шуто Оризари, барем според правилата, не може да го прави сето тоа. Не се согласувам со колегите што го предложија куќниот притвор затоа што сметам дека не е доволен за осигурување непречено водење на кривичната постапка, а за предлагање притвор по другата законска основа сè уште не е доцна! Може и треба да се предложи! А и судот не мора да се води само по предлогот на обвинителот, туку може сам, без предлог, да одреди мерка притвор и по оваа законска основа!“

Втор проблем со обвинителите е чувањето важни предмети во фиока…

„Од мое лично искуство мислам дека нема толку фиоки колку што има предмети и дека тоа е погрешен заклучок. Едноставно, има премногу предмети, а малку обвинители. Мислам дека прв и основен проблем е што се нема доволно обвинителски кадар“.

Сме ги правеле и тие бројки. Македонските обвинители имаат предмети колку и хрватските или, пак, другите европски обвинители за кои нивната јавност има поголема доверба, со исклучок на Германија, каде што можеби еден обвинител навистина успева да сработи огромен број предмети далеку над европскиот просек…

„Но, во Германија обвинителите имаат и премногу асистенти и истражители. Мислам дека она што најмногу кочи во Обвинителството е што нема никаква тријажа на безначајни предмети, кои се навистина во голем број, а обвинителот мора да гИ реши. Има многу скрибомани, кои со денешната технологија, од комодитетот на својата фотелја, пишуваат пријави за сè и сешто, а на чија работа се губи непотребно време. Во таа смисла би било добро кога обвинителот би имал повеќе соработници на кои може да им се делегираат задачи, а тој да се занимава со донесување мериторни одлуки“.

Нашите обвинители, дефинитивно, се меѓу најплатените државни службеници во Македонија, со плати неколкукратно повисоки од просекот. Кога веќе имаат толкави плати, треба ли да се испорача нешто?

„Факт е дека платата на обвинителот треба да е повисока од просечната поради сложеноста на работата и заради осигурување на неговиот стандард во кој нема место за надворешно материјално влијание врз него. Меѓутоа, платата не е единствен параметар за обвинителот да работи добро. Секој добар обвинител се предава на работата со желба и со чувство за правда, со чувство и потреба да се заштити имотот на граѓаните, да се заштитат нивните животи и тела и граѓаните да знаат и да веруваат дека, меѓу другите, и обвинителите во името на државата се грижат за нив“.

Нам ни застаруваат предмети во кои имотот на државата е оштетен со милиони евра…

„Не смееше да се случи со измените на Кривичниот законик во 2023 година и намалувањето на роковите на застареност да се ескулпираат од кривична одговорност очигледни сторители на кривични дела. Со намалувањето на застарените рокови законодавната власт сама себеси се ослободи од кривичен прогон! Во Хрватска, напротив, со тројното зголемување на роковите на застареност не може да се случи, особено за потешките кривични дела, да не се постапува поради изминување на времето. Нема теоретски шанси да се случи застарување во решавањето на предметите. Претходно, и ние кога имавме помали рокови на застареност, коментиравме: времето си работи, но сега во Хрватска времето не работи за обвинетите“.

Како да процениме колку еден обвинител работи како што треба – по решени предмети, квалитетни докази, правосудни пресуди?

„На прво место е по бројот на решени предмети, но тој број не може да е клучен и единствен параметар. Не може некој, на пример, кој решил 25 поедноставни предмети да е подобар од оној што решил три сложени и тешки предмети. Бројката не значи секогаш квалитет. Значи, првин бројката, но сложеноста на предметот е на второ место. Трето е однесувањето и активноста на обвинителот за време на судењето – колку е запознаен со предметот, колку има интерес и колку следи што се случува со промената на фактичката состојба, со потребата евентуално да се смени правната квалификација на кривичното дело, колку е активен во текот на судењето. Потоа е успехот во евентуалната жалбена постапка, колку обвинителот успева со својата жалба. И на крајот, бројот на правосилни пресуди“.

3а крај, кој и како да го контролира правосудството?

„Република Хрватска, пред да стане членка на Европската Унија, мораше да преземе многу активности и да одговори на многу точки од поглавјата, кои, меѓу другото, се однесуваа и на правосудството. Тој службен мониторинг и таа потреба за усогласување на правосудството со европските норми многу ѝ недостига на Македонија затоа што некако кога немаме контрола и немаме некој над нас, се создаваат услови за невладеење на правото и се добиваат вакви резултати какви што има. Со членството во ЕУ и со формирањето на европското обвинителство, во Хрватска се почнаа, но и се довршија многу значајни предмети“.

МИА

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk