logo
logo
logo

Не, не се коалиција СДСМ И ДУИ СЕ БЛИЗНАЦИ: Ахмети оди по истиот модел, ЌЕ ГИ СМЕНАМ СИТЕ ОСВЕН СЕБЕ!

Vecer | 19.12.2025

Не, не се коалиција СДСМ И ДУИ СЕ БЛИЗНАЦИ: Ахмети оди по истиот модел, ЌЕ ГИ СМЕНАМ СИТЕ ОСВЕН СЕБЕ!

На утрешниот Конгрес на ДУИ, се очекува Али Ахмети да го добие последниот мандат на чело на партијата. Според информации на Фокус, Ахмети во партиските органи и во најтесното раководство ќе се опкружи со кадри од помладата и средната генерација, кои ќе треба да го преземат товарот со раководење на партијата по негово пензионирање, додека неговите соработници од почетните денови од создавање на ДУИ ќе бидат сместени во советодавно тело. Ќе се извршат и измени на партискиот Статут, токму со цел младите кадри да имаат поголем простор за напредување на сметка на „старите волци“.

Во ситуација кога ДУИ за првпат по две децении падна во опозиција по ланските парламентарни избори, како и по неуспехот што го доживеа на изминатите локални избори со освоени само неколку градоначалнички позиции, партијата утре ќе одржи Конгрес во Скопје.

Иако во изминатиот период се отвори дебата и се правеа анализи дали времето на Али Ахмети е завршено, сепак, од ДУИ не сметаат дека се созреани услови Ахмети токму сега да замине во политичка пензија.

Па така, тој треба да добие нов мандат на чело на „интегративците“, кој, според најавите од Мала Речица, речиси сигурно ќе биде негов последен лидерски мандат, за време на кој ќе се обиде да ја реформира партијата и да ја подготви за времето по неговото заминување.

Освен што Ахмети ќе биде реизбран на лидерската позиција, делегатите на утрешниот Конгрес на ДУИ ќе изберат и нов Генерален совет, каде, според партиски извори, нема да се најде ниту еден од постарата генерација на функционери на ДУИ, од кои многумина имаат негативен имиџ и одиум во јавноста.

Автоматски, додаваат нашите соговорници, тоа значи дека тие кадри нема да може потоа да бидат избрани во Централното претседателство, бидејќи членови на најтесното раководство на партијата може да бидат само оние стотина членови на Генералниот совет.

Централното претседателство се составува на предлог на претседателот, но тој ќе може да предложи до Генералниот совет само членови на Советот избрани на Конгресот, без такво право да имаат членовите на ГС по функција, како што ќе бидат пратениците – објаснува извор од ДУИ.

Имено, тој посочува дека без никакви тензии и нервози е консензуално одлучено дека сите постари кадри, кои долги години се на одредени функции, треба да се откажат од амбициите да раководат со ДУИ на било кој начин и да се префрлат во советодавно тело, кое и досега функционира на Мала Речица.

Инаку, ова советодавно тело носи назив Национален совет и досега во него членувале универзитетскиот професор и поранешен министер за правда Аднан Јашари, поранешниот министер за економија, финансии и одбрана Фатмир Бесими, познатиот хирург кој работи во Швајцарија Омер Џемаили

Исто така, дел од овој совет одамна е и поранешниот градоначалник на Липково Садула Дураку, кој всушност се повлече од високата политика и од јавноста по неговата неуспешна авантура како министер за животна средина во првата Влада по политичките промени во 2016/2017 година.

Воедно, во оваа тело треба да се приклучат и други високи функционери на ДУИ, од кои некои и во изминатиов период беа дел од партиското раководство, како што се Теута Арифи, Талат Џафери, Џевад Адеми, Реси Абдурахмани, Биљен Салији, додека други извршуваа(т) високи јавни функции.

Меѓу нив се довчерашниот градоначалник на Кичево Фатмир Дехари, кој на изминатите избори загуби по неколку мандати на чело на општината, како и пратениците Муса Џафери и Блерим Беџети, со тоа што за Џафери и Беџети треба да се пронајде некаков правен модус и варијанта, од причина што членови на советодавното тело на ДУИ не може да бидат носители на јавни функции.

Она што засега преовладува како принципиелен став е дека највисоките раководни позиции во партијата треба да ги загубат оние што директно загубија на изборите, меѓутоа се очекува тие да останат дел од Централното претседателство.

Оттука, без досегашните функции се очекува да останат потпретседателите Бујар Османи и Бајрам Реџепи, кои загубија во градоначалничките битки во Чаир и Тетово, како и генералниот секретар кој патем беше и шеф на изборниот штаб, Фатон Ахмети.

Меѓутоа, тие се очекува да бидат дел од костурот и на новото раководство на ДУИ, заедно со носителите на советничките листи на ДУИ во Гостивар и Струга, Валдет Џафери и Фатон Положани, како и Арта Биљали Зендели, Дијана Тоска…

Се покажа дека изборот на раководства во општинските организации според принципот еден член еден глас е непродуктивен. Така беа изгласани многу партиски авторитети, но младите беа маргинализирани и тоа сега ќе се поправи – вели висок партиски функционер.

Покрај отворањето на партијата за помладите кадри и кадровските промени и освежувања во партиските структури од најниско до највисоко ниво, се очекува и програмско редефинирање на ДУИ во одредени аспекти, без притоа да се отстапи од досегашните главни стратешки определби.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk