Државниот обвинител Љупчо Коцевски преку контролата на Посебните истражни мерки определни од судот има пристап до информации за многу следени важни македонски граѓани.
Оваа бомба ја објавува вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи кој открива дека во приватен разговор Коцевски му открил дека има инфорамции за многу прислушувани или следени луѓе.
Во емисијата Летна Политика на Радио Лидер Хајрулахи открива фрапантни информации за обвинителството и тврди дека се додека на чело на обвинителството е Коцевски ќе нема никаква разврска на скандалот со следење на политичари, обвинители и новинари.
Хајрулахи ова го поткрепува со периодот од еден месец во кој обвинителството нема постапено по пријавата од АНБ за случајот и за кој јавноста немала никаква информација се до брифингот на агенцијата за национална безбедност.
“Правосудните органи веќе треба да се отрезнат и да се фатат за работа, народот не ги плаќа да се кријат зад паушални соопштенија и да молчат во моменти кога треба да се најгласни и најактивни во целосно расветлување на вистината, реагира ВМРО-ДПМНЕ.
„Јавното обвинителство веќе требаше да отвори истрага за да ги истражи сите наводи на, досега најголемиот скандал за прислушкување и следење на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски. Но, обвинителството на Љупчо Коцевски со денови молчи по откривањето на скандалозното следење и прислушкување на Мицкоски, новинари и бизнисмени од страна на службите за безбедност и разузнавање во периодот на власт на СДСМ.
Дали молкот на Обвинителството и на Коцевски како негов прв човек, е затоа што тој знаел сè, затоа што во периодот на прислушкувањето како обвинител бил задолжен од ЈО за следење на издавањето на ПИ мерки“, се вели во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Во својата шема за опстанок на власт, СДСМ ги вплетка не само службите, туку и Јавното обвинителство, се додава во соопштението.
„Затоа потребна е итна истражна постапка која ќе ја открие целата вистина и сите инволвирани лица, од извршители и помагачи, до оние кои ја дале наредбата за злоупотреба на службите со цел незаконско и неосновано следење на претседателот Мицкоски, како тогашен лидер на најголемата опозициска партија. Одговорност за овој случај мора да има.
Пред лицето на правдата да се изведат како извршителите, така и наредбодавците. А, Коцевски и ЈО треба да си ја сработат работата и да даваат јасни и прецизни одговори на сите прашања, дилеми и основани сомненија“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Согласно законот за следење на комуникациите, наредба за посебни истражни мерки може да се издаде само за кривични дела строго предвидени во самиот закон. Во однос на претходните наводи за следење на премиерот, по насоки на јавниот обвинител на РСМ, Љупчо Коцевски, ОЈО ГОКК оформи предмет во кој се преземаат дејствија на проверки. Воедно и наводите во последните известувања од АНБ детално ќе бидат испитани“, соопштија од Обвинителството за организиран криминал раководено од Ислам Абази.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата