Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска порача дека нема намера да се повлече од функцијата, бидејќи, како што истакна, неговата главна цел е да продолжи да се бори за „заздравување на општеството, искоренување на корупцијата и враќање на државата на европскиот пат“.
На прес-конференција, Филипче нагласи дека тековните критики кон него и кон партијата доаѓаат од, како што рече, „поединци кои се уценети или купени“, додавајќи дека вистинските членови на СДСМ и поддржувачите ги препознаваат тие обиди да се ослабне опозицијата.
‒ Јас верувам во ова што го правам. Сум човек што работи прецизно и добро пресметав пред да се нафатам на ова. Сакам ова општество да заздрави, да биде исчистено од корупција, да се направат реформите и да влеземе во Европската Унија. Тоа е мојата стратешка цел – изјави Филипче.
Тој додаде дека опозициската борба ќе продолжи интензивно, потенцирајќи дека земјата, според него, е „економски пред бездна“ и дека актуелната влада ја води државата кон изолација.
Филипче истакна дека СДСМ останува целосно обединета партија, со „синхронизирана и компактна“ пратеничка група, а дека процесот на внатрешна консолидација во општинските организации е во тек.
‒ Мојата работа се темели на чесни намери и верувам дека ако граѓаните ја дадат довербата на следните избори, можеме да ја водиме државата како вистинска европска демократија, без корупција – додаде тој.
Воедно, Филипче најави дека политичката партија ПОЕН на Рубин Земон ќе се приклучи кон СДСМ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата