logo
logo
logo

Тошковски порача дека за загадувањето на водата ќе има одговорност - МВР СОБИРА ДОКАЗИ ВО ГОСТИВАР

Vecer | 21.07.2026

Тошковски порача дека за загадувањето на водата ќе има одговорност - МВР СОБИРА ДОКАЗИ ВО ГОСТИВАР

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска во Гостивар изјави дека државата ги ставила во функција сите расположливи капацитети за надминување на кризата предизвикана од загадувањето на водоснабдителниот систем и порача дека за случајот ќе има одговорност доколку се утврди вина.

Тошковски, заедно со владина делегација, престојуваше во Гостивар каде се одржаа координации со надлежните институции и се преземаат мерки за справување со состојбата во која граѓаните не можат да ја користат водата од градскиот водовод поради препораките на здравствените власти.

– Државата се вклучи со сите свои капацитети затоа што приоритет е што побрзо да ја нормализираме состојбата и да обезбедиме безбедна вода за граѓаните. На терен веќе работат експертски тимови кои вршат детални анализи на водоснабдителниот систем и земаат мостри на повеќе локации – изјави Тошковски.

Тој нагласи дека институциите нема да носат избрзани заклучоци, туку одлуките ќе се темелат на стручни анализи и препораки од експертите.

Министерот апелираше граѓаните да ги почитуваат препораките на надлежните институции сè до завршување на анализите и официјална потврда дека водата повторно е безбедна за употреба.

– Ниту ќе шпекулираме, ниту ќе даваме проценки кога водата ќе може повторно да се користи. Граѓаните ќе бидат навремено информирани веднаш штом експертите ќе ги завршат анализите и ќе потврдат дека се исполнети сите услови за безбедна употреба – рече Тошковски.

Во однос на утврдувањето на евентуална одговорност, министерот посочи дека МВР работи во координација со Јавното обвинителство.

– Министерството за внатрешни работи продолжува интензивно да обезбедува докази, додека Јавното обвинителство ја води постапката согласно своите законски надлежности. За секој за кого ќе се утврди одговорност ќе се постапува согласно закон, без исклучок – порача Тошковски.

Владината делегација во Гостивар ја сочинуваа и министерот за животна средина и просторно планирање Муамет Хоџа, министерот за здравство Сашо Клековски, директорот на Службата за општи и заеднички работи Ивица Томовски и портпаролката на Владата Марија Митева.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk