logo
logo
logo

Во ризик се и економијата и репутацијата на ЕУ

ЕК ИТНО ДА ОБЕЗБЕДИ ПРЕОДЕН ПЕРИОД, ИЗЗЕМАЊА ИЛИ СПЕЦИЈАЛЕН РЕЖИМ ЗА ПРОФЕСОНАЛНИТЕ ВОЗАЧИ

Vecer | 27.01.2026

ЕК ИТНО ДА ОБЕЗБЕДИ ПРЕОДЕН ПЕРИОД, ИЗЗЕМАЊА ИЛИ СПЕЦИЈАЛЕН РЕЖИМ ЗА ПРОФЕСОНАЛНИТЕ ВОЗАЧИ

Советот на амбасадори изразува сериозна загриженост во врска со најавената примена на ЕТИАС системот (European Travel Information and Authorisation Sistem) која веќе резултира со блокади на граничните премини во земјите од Западниот Балкан.

„Иако воведувањето на ЕТИАС е легитимно од аспект на безбедносната и миграциската политика на Европската Унија, неговата примена во сегашната форма создава сериозни економски и оперативни ризици, како за Западниот Балкан, така и за земјите-членки на ЕУ. Во услови на изразена геополитичка неизвесност, нарушени глобални трговски текови и интензивирани напори за зајакнување на европските синџири на снабдување, секоедополнително административно забавување на транспортот од Западниот Балкан има мултипликативен негативен ефект врз трговијата, инфлацијата и конкурентноста на европската економија, директно афектирајќи ги бизнисите и граѓаните од двете страни. Оттука, ова прашање не е регионално, туку заеднички економски ризик за ЕУ и нејзините најблиски партнери“, соопшти Советот на амбасадори.

Воедно, ЕТИАС дополнително ги оптоварува веќе постоечките гранични бариери – долгите чекања, недоволната дигитализација и неусогласената примена на правилата меѓу земјите-членки. Обврската за индивидуална ЕТИАС-авторизација создава дополнителен реален ризик од доцнења во испораките, прекини во синџирите на снабдување и зголемени трошоци за бизнисите, се додава во соопштението.

„Професионалните возачи не се „класични“ патници, туку дел од критичната транспортна инфраструктура за функционирање на пазарите во Западниот Балкан и во Европската Унија. Советот на амбасадори укажува дека идентичниот третман на транспортните работници од Западниот Балкан со оние од останати трети земји е во дисонанца со официјалниот статус на Регионот како стратешки партнер на ЕУ. Истото е спротивно и на заложбите за олеснување на трговијата, економска конвергенција и постепена интеграција наЗападниот Балкан во Единствениот пазар, предвидени во стратешките документи на ЕУ за регионот, вклучително и во Планот за раст за Западниот Балкан од 2023 година“, се вели во соопштението.

Без изземања или специјален режим за транспортните работници од регионот, се додава, ЕТИАС ја поткопува реализацијата на овие цели, наметнувајќи реален ризик де факто да ја продлабочи економската и регулаторната дивергенција меѓу ЕУ и Западниот Балкан.

„Советот на амбасадори ја поздравува стратегијата на ЕУ за трговска диверзификација, вклучително и продлабочувањето на трговските односи со Индија и земјите од Индопацификот, но укажува на потребата од регионална кохерентност. Со оглед дека компаниите од Западниот Балкан се веќе длабоко интегрирани во европските производствени и логистички синџири, воведувањето дополнителни бариери за нив создава недоследност меѓу глобалните трговски амбиции на ЕУ и нејзиниот однос кон најблискиот економски поврзан регион, поткопувајќи ја логиката на стратешка автономија и неарсхоринг што Унијата самата ја промовира“, соопшти Советот на амбасадори.

Предизвикот со ЕТИАС не е само правен, туку пред се оперативен и временски чувствителен, додава Советот.

„Оттука, Советот на амбасадори ја повикува Европската комисија итно да обезбеди привремено и практично решение – преку преоден период, изземања или специјален режим за професионалните возачи од Западниот Балкан – за да се спречат понатамошни блокади на граничните премини и нарушување на редовните транспортни текови, како и активно да ги вклучи ставовите на транспортниот сектор од регионот во креирањето на новата визна политика на ЕУ. Во спротивно, примената на ЕТИАС во сегашната форма носи ризик не само за економската поврзаност, туку и сериозен репутациски ризик за процесот на проширување, со потенцијално долгорочни последици врз кредибилитетот на политиките на Унијата во Регионот, токму во момент кога е неопходно негово зајакнување“, соопшти Советот на амбасадори.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk