logo
logo
logo

ЗАПАЛИЛЕ КУЌАТА ВО НЕЖИЛОВО - ДОБИЈА ПО СЕДУМ ГОДИНИ ЗАТВОР

Vecer | 12.06.2026

ЗАПАЛИЛЕ КУЌАТА ВО НЕЖИЛОВО - ДОБИЈА ПО СЕДУМ ГОДИНИ ЗАТВОР

Основниот суд Велес ги осуди Ѓоре Петровски од село Ореше, Општина Чашка, и Даниел Димески од Прилеп на по седум години затвор за опожарувањето на куќа во велешкото село Нежилово, во случај што се случи во мај минатата година.

Од Судот информираа дека, постапувајќи по обвинителен акт на Основното јавно обвинителство Велес, двајцата се огласени за виновни за кривичното дело „тешки дела против општата сигурност“, поврзано со предизвикување пожар, при што целосно била уништена куќа во сопственост на Давид Јорданов од Скопје.

Пресудата била донесена по одржаната главна, јавна и усна расправа на 5 јуни годинава, а во изречената казна ќе им биде засметано и времето поминато во притвор, почнувајќи од 16 мај 2025 година, сè до правосилноста на пресудата.

Во случајот имало и третообвинет. Станува збор за Сашо Муневски од Прилеп, кој претходно, во раздвоена постапка, со правосилна пресуда од 16 октомври 2025 година, бил осуден на седум години затвор за истото кривично дело и веќе ја издржува казната.

Според обвинението, на 10 мај 2025 година, на месноста Капинова во село Нежилово, обвинетите со предизвикување пожар целосно ја опожариле куќата на оштетениот Давид Јорданов од Скопје.

Судот посочува дека во предметот биле обвинети вкупно три лица. Муневски и Димески биле гонети како соизвршители, додека Петровски бил обвинет како поттикнувач.

Во текот на постапката, Муневски ја признал вината, изразил каење и му се извинил на оштетениот, додека останатите двајца обвинети изјавиле дека го разбираат обвинението, но не се чувствуваат виновни.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk