logo
logo
logo

Тие се резервоари на западнонилска треска

АКО ВИДИТЕ МРТВА ДИВА ПТИЦА, ГАВРАН, ВЕДНАШ ДА ПРИЈАВИТЕ

Vecer | 17.08.2026

АКО ВИДИТЕ МРТВА ДИВА ПТИЦА, ГАВРАН, ВЕДНАШ ДА ПРИЈАВИТЕ

Здравствените власти ја засилуваат контролата на можните резервоари на вирусот на западнонилска треска, со посебен фокус на дивите птици и живината во ризичните подрачја.

Министерот за здравство Сашо Клековски упати апел до граѓаните, доколку забележат мртва дива птица, особено гавран, или друга птица, да го пријават случајот во Агенцијата за храна и ветеринарство.

– Најчести резервоари на западнонилска треска се гавраните. Имаме апел за пасивно пријавување, односно сите граѓани кои ќе најдат мртва дива птица, гавран или која било друга птица, да ја пријават во Агенцијата за храна – рече Клековски.

Тој посочи дека досега има една пријава од Гостивар, но кај птицата не е идентификуван вирусот на западнонилска треска. Според него, утврдувањето на можните резервоари е особено важно за контролата на ширењето на болеста.

Во загрозените подрачја ќе биде спроведена и засилена контрола на живината, со посебен фокус на живината која слободно се движи во близина на каналите за наводнување.

Клековски потсети дека при последното поголемо појавување на западнонилска треска во 2019 година, од девет контролирани кокошки била утврдена една заразена кокошка во едно од подрачјата кои и сега се сметаат за загрозени.

Во моментот во земјава има 35 потврдени и 3 суспектни случаи на западнонилска треска, кои се во процес на дијагностицирање, а шестмина се во критична состојба и се наоѓаат на интензивна нега на Клиниката за инфективни болести. Од лицата кои се хоспитализирани, сите се над 60-годишна возраст. Во саботата е регистриран третиот смртен случај од западнонилска треска во Македонија.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

Најчитани во последни 7 дена

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk