Градежните работи на првата линија од новиот Градски воз, која се протега од Зелениково до Новата железничка станица во Скопје, се во завршна фаза. Директорот на МЖ Инфраструктура, Синиша Ивановски, во интервју за „Призма“ најави дека оваа линија ќе биде ставена во функција од септември. Се работи за постоечка пруга во должина од околу 25 километри која е дел од Коридорот 10. Иако трасата е одамна во функција, таа не се користеше со полн капацитет, поради што сега се прави комплетна реконструкција. Пругата беше целосно демонтирана, при што дел од праговите се заменети со нови бетонски, а во делот кон Скопје се поставени нови дрвени прагови. По комплетното завршување на градежните работи до крајот на јуни и по спроведувањето на сите неопходни дополнителни тестирања, патничките возови повторно ќе можат да се движат со проектираната брзина од 80 километри на час.
Проектот за градски воз во иднина ќе се прошири и кон Илинден и Ѓорче Петров, каде што градежните зафати ќе бидат со сличен интензитет. На двете локации веќе постои железничка инфраструктура, но за разлика од линијата кон Зелениково, на овие траси со години нема никаков сообраќај и тие се наоѓаат во исклучително лоша состојба. МЖ Инфраструктура веќе ја објави постапката за двата проекти, а доколку проектирањето заврши навреме до септември, веднаш ќе се распише оглас за избор на изведувач. Планот е градежните работи за овие две насоки да започнат кон крајот на 2026 година, а да завршат до крајот на 2027 година. Финансиските средства за овој дел од пругата треба да се обезбедат преку развојната програма со ребалансот на буџетот за следните неколку години, со оглед на тоа што воведувањето на градскиот воз е зацртано како висок владин приоритет.
За успешна реализација на целиот проект, клучна ќе биде координацијата со претпријатието МЖ Транспорт, кое има обврска да ги обезбеди возовите за новата линија. Раководството на МЖ Транспорт даде уверување дека од први септември ќе има воз наменет специјално за оваа градска рута. Овој воз нема да продолжува кон Гевгелија, туку континуирано ќе сообраќа на релацијата меѓу Транспортниот центар во Скопје и Зелениково, а возниот ред ќе вклучува повеќе поаѓања во текот на денот.
Покрај железничките претпријатија, во проектот со свои автобуски линии ќе мора да се вклучи и Јавното сообраќајно претпријатие на Град Скопје. Скопскиот градоначалник веќе дал согласност ЈСП да биде активно вклучено при креирањето на возниот ред, со цел да се обезбеди синхронизирано собирање на патниците од околните населени места и нивно навремено носење до самите железнички станици. Директорот Ивановски нагласи дека двете претпријатија едноставно мора да најдат ресурси за овој проект бидејќи тој нуди целосно нова, побрза и посигурна алтернатива за транспорт. За разлика од патувањето со автомобил каде што патниците постојано се соочуваат со сообраќаен метеж, протести или делегации, градскиот воз ќе понуди точна извесност и за неколку минути ќе ги поврзува приградските населби со центарот на градот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата