Поголема заштита и подобри начини за управување на пензионерското осигурување може да се постигне со воведување на мултифондовите во осигурителниот пазар во нашата земја.
Во соседна Бугарија од следната година ќе стартува приемната на мултифондовиот модел на пензионерско осигурување, кој според тамошните медиуми ќе овозможи осигурениците да изберат како ќе се инвестираат нивните пензиски заштеди.
Претставниците на Агенција за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС) за Фактор истакнуваат дека ваков модел може да се примени во Македонија. Од аспект на постојниот институционален и регулаторен развој на пензискиот систем во Македонија, воведувањето на модел со мултифондови е применливо решение и веќе е предмет на разгледување, објавува порталот Фактор.
- Во рамки на Работната група за подготовка на предлог-решенија за мултифондови се анализираат можностите за негова примена во системот на капитално финансирано пензиско осигурување.
Предложените законски измени предвидуваат задолжителниот пензиски фонд да се состои од три посебни портфолија – растечко, балансирано и конзервативно, кои ќе се разликуваат според нивото на инвестициски ризик и очекуваниот принос – појаснуваат од МАПАС.
Од Агенцијата укажуваат дека според предлог-решенијата, членовите во капитално финансирано пензиско осигурување ќе имаат можност да изберат портфолио во согласност со нивната возраст и лична толеранција на ризик.
- Младите членови ќе можат да изберат портфолио со поголем инвестициски потенцијал и повисок ризик, додека за лицата кои се поблиску до пензионирање ќе се применуваат поконзервативни стратегии со цел заштита на акумулираните средства.
Воедно, важно е да се нагласи дека Агенцијата во изминатиот период изработи концепт за воведување модел со мултифондови во соработка со меѓународни консултанти, при што предложените решенија се доставени на разгледување до надлежните институции и министерства.
Самата имплементација на ваков модел бара соодветни законски измени, институционална подготовка и усогласување на повеќе регулаторни аспекти, поради што процесот се спроведува внимателно и постепено – укажуваат од МАПАС.
Со оглед на тоа што македонскиот пензиски систем веќе функционира како капитално финансиран систем во вториот столб со индивидуални сметки и инвестирање на средствата, воведувањето на модел со мултифондови претставува логична еволуција на системот и негово усогласување со современите практики во земјите со развиени приватни пензиски системи.
ПРИДОБИВКИ И ПРЕДНОСТИ

Главната предност на моделот со мултифондови е подобро усогласување на инвестиционата стратегија со возраста и профилот на ризик на членот. Во класичниот модел со еден фонд, сите членови се изложени на приближно ист инвестициски ризик без разлика на возраста до исполнување на условите за пензионирање.
- Моделот со мултифондови го надминува овој недостаток, бидејќи овозможува средствата на младите членови во капитално финансирано пензиско осигурување да се инвестираат во подинамични инструменти со повисок потенцијал за принос, додека средствата на постарите членови постепено се насочуваат кон постабилни и помалку ризични инвестиции.
Овој пристап е широко применет во повеќе европски пензиски системи. На пример, во Хрватска задолжителните пензиски фондови функционираат преку три категории на фондови (А, B и C), кои се разликуваат според нивото на ризик и инвестициската структура – објаснуваат од МАПАС.
Потоа додаваат дека слични модели постојат и во земји како Словачка и Романија, каде што се нудат различни видови фондови – акциски, обврзнички, индексни или комбинирани – со цел да се овозможи диверзификација на инвестициите и подобро управување со ризикот.
Од Агенцијата укажуваат дека досегашното меѓународното искуство покажува дека моделите со мултифондови овозможуваат поголем фокус на членовите, подобра диверзификација на портфолијата, поголема транспарентност и поголем фокус на потребите на членовите во капитално финансирано пензиско осигурување.
ПОГОЛЕМА ЗАШТИТА

Воведувањето на модел со мултифондови, според регулаторот има потенцијал да обезбеди подобра долгорочна заштита на пензиските заштеди. Од МАПАС посочуваат оти основната логика на системот е постепено намалување на инвестицискиот ризик како што членот се приближува кон пензионирање.
- Со тоа се намалува веројатноста евентуален пад на финансиските пазари непосредно пред пензионирањето значително да влијае врз акумулираните средства на индивидуалната сметка.
Од друга страна, младите членови во капитално финансирано пензиско осигурување, кои имаат долг инвестициски хоризонт, можат да остварат повисоки приноси преку поголема изложеност на акции и други инструменти со повисок потенцијал за принос. Во долг рок, ваквата стратегија може да резултира со повисок износ на акумулирани средства на индивидуалната сметка, што потенцијално може да се одрази и на повисока пензија – појаснуваат од МАПАС.
Но, регулаторот исто така укажува оти е важно да се нагласи дека висината на пензиските примања зависи од повеќе фактори – висината на придонесите, стапката на принос на инвестициите, должината на работниот стаж и макроекономските услови.
- Моделот со мултифондови не гарантира автоматски повисоки пензии, но создава услови за поефикасно управување со средствата и подобро балансирање на ризикот и приносот во текот на целиот работен век – потенцираат од Агенцијата.
Воедно додаваат дека воведувањето на модел со мултифондови може да има позитивно влијание врз развојот на пазарот на капитално финансирано пензиско осигурување.
Прво, поголемата разновидност на портфолија може да придонесе за поголема конкуренција меѓу пензиските друштва во однос на управувањето со инвестициите и постигнувањето подобри инвестициски резултати.
Второ, ваквиот модел може да го зголеми интересот на членовите во капитално финансирано пензиско осигурување за активно следење и управување со своите пензиски заштеди, бидејќи ќе имаат можност да изберат инвестициска стратегија која најмногу одговара на нивните потреби и очекувања.
- Дополнително, зголемувањето на средствата во пензиските фондови има позитивно влијание и врз развојот на домашниот пазар на капитал, имајќи предвид дека пензиските фондови претставуваат значајни институционални инвеститори. Во Македонија средствата на задолжителните пензиски фондови веќе претставуваат значителен дел од финансискиот систем и изнесуваат околу 17% од БДП, што укажува на нивната важна улога во економијата – објаснуваат од МАСПАС.
Воедно потенцираат дека моделот со мултифондови може да придонесе за понатамошна модернизација на пензискиот систем, подобро управување со пензиските средства и постепено зајакнување на финансискиот пазар во земјата.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата