Во принцип и најмалку сериозното новинарство одбегнува интимни теми при разводи, тоа спаѓа во длабоко приватни теми и односи кои преку јавни настапи на некоја од страните во разводот ниту може да се докаже, ниту зборува позитивно за било која страна во процесот.
Ова се одбегнува особено кога во темите се спомнуваат и малолетни деца. Тоа е и етички, и професионален стандард. Дополнително, како и во речиси сите европски држави, бракоразводни теми по медиуми кои злоуотребуваат и состојби на малолетни деца се забранети со закон.
Последниве денови некои медиуми го прекршија тој стандард но, и законот кој тоа не го дозволува. Откако два портали, дали случајно, објавија една иста содржина на вест за бракоразводна парница со квалификации за машката страна до ниво на клевета, без ниту еден приложен доказ освен изјава на женската страна во разводот, на приказната се налепија порталот А1он.мк и, за жал, ТВ Телма.
Женската страна во бракоразводниот процес ќе ја споменеме со име бидејќи таа лично се појави, со своја верзија на приказната, јавно пред порталите и на ТВ Телма. Женската страна е Невена Цветанова Спасевска, од Скопје, мајка на дете од околу четири години, која и покрај извршна судска пресуда не дозволува ниту видување ниту престој на детето кај таткото С.С. Се жали дека судиите биле корумпирани, но не наведува ниту доказ ниту основ за сомневање, едноставно, таа така смета и за нејзините приватни проблеми треба да знаат сите во државава.
Не навлегуваме во деталите, ниту во нивниот судски процес. Таа работа е на суд решавана и завршена, и од основен и од апелационен суд. Треба да се изврши, а неизвршување на пресуда е кривично дело, и за мајката и за органите кои пресудата треба да ја извршат. А не ја извршуваат.

Другата, машка страна во процесот на развод и доделување дете ниту еднаш досега не се појавила по медиуми, ниту постои портал или телевизија со негова изјава или негова верзија на бракоразводната парница па иако мајката се труди приватна, интимна работа и процес да стане јавна тема, јавноста не ги знае двете страни не може да заземе став. Најпосле, и за детето е важно таа бракоразводна парница да не стане ријалити шоу. Детето ќе порасне и ќе се срами од тоа што ќе го чита или гледа еден ден што правел едниот од неговите родители.
Телма е сериозна телевизија која ги знае и најчесто почитува наведените стандарди, особено да не се навлегува во интимни и лични спорови кои немаат јавен интерес, и принцип да се објават двете страни или ниедна. Овојпат, ТВ Телма потфрли и сработи објава спротивна на нивната традиција. Објави изјава од мајката, женската страна чија изјава, како и при најголем број разводи, беше: јас сум жртва, тој е лошиот, а судовите што не пресудиле како што сакам се корумпирани. Патем, изрече и лични клевети кои се сосема неточни. Стандардно.
Трите портали кои приказната ја објавуваа претходно не се од врвните во професијата или стандардите, и затоа другата, машката страна, не гледала потреба да демантира, да опоменува и потсетува на законски последици од такви објави.
Но, кога женската страна од бракоразводната парница, Невена Ц. С. , се појавила на ТВ Телма, таткото на дететео, бившиот сопруг, решава да реагира со писмо и опомена до ТВ Телма во кое телевизијата во допис од адвокат Мери Младеновска Ѓорѓиевска се потстетува, помеѓу останатото, дека новинарката и ТВ Телма вршат прекршување на законот:
-Уставот на РСМ, член 15 согласно кој на граѓанинот му се гарантира одговор во средствата за јавно информирање и членот 25 со кој на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот;
- Членот 224 вв членот 222 од Законот за семејството согласно кои јавноста е исклучена во брачните и семејните спорови;
- Одредбите од Законот законот за социјална заштита во кои се пропишани: начелото на приватност, начелото на почитување на интегритетот и правата на корисникот и начелото на доверливост.
Со повреда на наведените одредби грубо извртувајќи ги фактите подржувате поткопување на принципот на владеење на правото дефиниран во Уставот на РСМ.
На нејзиниот настап, полн со дезинформации и клевети, реагираат и од Центарот за социјална работа Скопје кои наведуваат дека изнесеното од мајката не е точно, и дека е во тек постапка за извршување на судските пресуди.
Освен ова, известуваат и дека Јавното обвинителство против неа има отворено постапка со соменвање за противправно одземање на дете од таткото, а врз постапката и работата на Центарот по барање на мајката досега се извршени низа контроли и не е утврдена ниту една неправилност во постапката.
ТВ Телма, по јавниот настап со изјави од страна на мајката, и по допис со укажување од адвокатката на машката страна, ги објави сите наведени реакции и документи и, се чини, за нив случајот е затворен бидејќи ќе го почитуваат законот кој не дозволува објави од овој вид и без елемент на јавен интерес.
Но, по објавите на Телма, на приказната се закачија од порталот А1он.мк. И тоа брутално. Со клевети за корупција на посочени лица од Центарот за социјална работа, за судиите, за семејството на таткото до ниво на чаршиски и кафански приказни... Што е и типично за порталот А1он.мк познат по барањето секакви начини за повеќе кликови и лајкови заради што никогаш не постигнаа високи стандарди во новинарството и веќе неколку пати порталот е препродаван од едни на други бидејќи сопствениците не се задоволни од таквиот начин на работа, и заради последиците од тоа.
До поратлот А1он.мк упатено е писмо со опомена пред тужба од страна на адвокатката Мери Младеновска Ѓорѓиевска, како и од посоченото лице, социјален работник, во Центарот за социјална работа за кого се објавени клевети до ниво на кафански муабети но, во тешко пијана состојба. Порталот го води кадар на Ацо Кабранов, познат по својата скандалозност и од ТВ А1, а особено како уредник на телевизијата на Боки 13 - 1ТВ и, со тоа се е објаснето.

Опомена за тужба поради прекршување на наведнеите закони е најавена и од другата страна на разводот, од таткото, а и од социјалниот работник. Прозваниот Гоце П. најавува тужба и смета дека целиот мотив на тие кафеански приказни е свесен обид да се влијае врз судот и судиите, како и вработени во Центарот за социјлана работа во интере на женската страна во спорот.
Па, кој сака да решава туѓи бракови а за објавите да се докажува пред судови треба сето ова да го има на ум.
Потребата по секоја цена да се навлечат и добијат кликови за читаност и лајкови сепак, мора да имаат граници. А интимни и приватни односи во семејство кое во редовна судска постапка се разведува, и малолетно дете кое едната страна потоа по медиуми го злоупотребува за да се спречи извршување на судска постака е преку тие граници. Да ги оставиме и овие луѓе, и сите во слична ситуација, работите во семејствата да ги решаваат според нивни потреби а да ги докажуваат равноправно, пред суд.
Јавноста има други потреби, а новинарите други задачи. Кликовите не се најважни во новинарската професија, од нив е поважен и законот и професионалната етика.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата