logo
logo
logo

НЕ БЕГАМЕ ОД ВЕТО, но тоа да биде за Копенхашките критериуми, а не за идентитетот, рече Давкова

Vecer | 19.05.2026

НЕ БЕГАМЕ ОД ВЕТО, но тоа да биде за Копенхашките критериуми, а не за идентитетот, рече Давкова

Македонија има претрпено многу промени на својот Устав на патот кон ЕУ, но спорни или наликуваат на уставен инженеринг се оние кои се иницирани однадвор, како тие од што призлегоа од Рамковниот договор, потоа и од Преспанскиот, за кои нè убедуваа дека се последни.

Вака изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова која денеска одржа предавање на Правниот факултет во Љубљана на тема „Уставни трансформации на патот кон ЕУ: Реформи или уставен инженеринг?“.

Сиљановска Давкова вели дека сега повторно од Македонија се бара промена на Уставот за вметнување на Бугарите во Уставот, за да отпочнат преговорите со ЕУ.

– Нашето соломонско решение е доколку ги направиме измените и тие навистина бидат последни, да стапат на сила откако ќе ги завршиме преговорите. Ние не бегаме од вето, но тоа да биде врзано со Kопенхашките критериуми, а не со идентитетски прашања – порача претседателката.

Ова се се случува, рече таа, иако по распадот на Југославија, Македонија и Словенија од Бадентeровата комисија беа оценети како земји кои уставно ги исполнуваат условите да бидат признаени од, тогаш, Европската заедница.

Таа смета дека и покрај тоа што Бугарите не се споменати во Уставот, тој им ги гарантира истите права на оние кои веќе се споменати во него.

– Исто така треба да се спомене дека Бугарија во својот Устав нема посебен член кој ги гарантира правата на малцинствата во земјата и оти има и голем број пресуди од Судот за човекови права во Стразбур во однос на одредени права на Македонците, кои таа односно нејзините судови не ги почитуваат.

– Ние како држава имаме поголеми гаранции за малцинските права отколку што имаат многу земји членки на ЕУ – рече Сиљановска-Давкова.

Таа нагласи дека процесот на пристапување не смее да биде билатерализиран особено не за идентитетски прашања.

Како едно од можните креативни решенија за ова прашање, додаде таа, е можноста да се искористи и правото 1/3 од земјите да побараат од Европскиот совет одземање на правото на глас на нејзина земја членка доколку таа ги прекрши принципите на Унијата.

Пo предавањето претседателката се сретна со Македонци кои се универзитетски професори.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk