Глаголицата како живо културно наследство што обединува и создава современи уметнички вредности е во фокусот на изложбата „Од глаголица до светлина:Визуелна ода за Св. Кирил и Методиј“, што претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска ја посети во Националниот центар за култура и образование во Братислава, потенцирајќи ја нејзината улога во надминување на границите и зацврстување на културните врски меѓу земјите.
На изложбата се претставени дела од македонските уметници Ана Митевска, Ангел Коруновски, Лазе Трипков и Александра Костадиновска, под кураторство на Кирил Пенушлиски, а преку сликарство, фотографија и современи визуелни интерпретации се истражува врската меѓу историската меморија и современиот уметнички израз.
Претседателката Сиљановска-Давкова истакна дека изложбата носи силна симболика и пораки за поврзаноста на културното наследство и современоста.
- Тешко е да зборувате кога сте импресионирани. Меѓутоа, мислам дека насловот доволно открива. Ако сме слушнале за „Ода на радоста“ во музиката, тогаш навистина глаголицата е „ода на светлината“. И јас се просветлив во овој модерен простор со мошне силни пораки. Најсилната за мене е тоа што уште еднаш ми се потврдува дека не случајно ги разбирам натписите по улиците – тие нè потсетуваат на македонскиот јазик. Всушност, се знае дека изворот е во глаголицата - изјави претседателката.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата