СДСМ да одговори, дали еден ипол милион евра од аферата „Рекет” завршиле кај нивниот нов ПР шеф Башановиќ, бара Валентин Манасиевски од ВМРО-ДПМНЕ на партиска прес-конференција.
Според Манасиевски освен овие еден и пол милион евра, постојат сведоштва за тоа дека рекетираните пари завршиле кај Зоран и Вице Заеви, нешто што, како што вели, правосудните органи кои ги штитат Заеви ова никогаш не го истражиле.
„За куќниот пријател на Зоран Заев и негов личен советник, Зоран Башановиќ, кој сега е шеф на центарот за лаги и манипулации на СДСМ, според извори од неговата матична држава, се вели дека еден ипол милион евра од аферата ‘Рекет’ завршиле токму кај него.
Српските медиуми, освен Заев, го поврзуваа и Башановиќ како еден од учесниците во аферата ‘Рекет’, а како што се вели во еден српски портал, во снимен инкриминирачки разговор, Башановиќ вели дека сега е време сè да се наплати, и дека конечно е дојдено времето да биде полн како брод.
Од СДСМ треба и да одговорат зошто секогаш кога некој ќе биде ‘истеран’ од сопствената држава, како што беше случајот со Онишченко и овој со Башановиќ, а истите се сомничат за криминали и коруптивни случаи, Заев и Филипче ги вдомуваа во државата или во нивната партија?
Почитувани граѓани,
Ете кој го води СДСМ, и ете кој го води нивниот ПР тим. Луѓе кои се синоним за криминал и корупција се секогаш во врвот на СДСМ.
Во СДСМ се потребни реформи и чистење на криминалците и корумпираните функционери. Во спротивно, на следните избори СДСМ ќе го достигне дното и би се нашле под 100.000 гласови“,
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата