logo
logo
logo

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПОТПИШУВАЛ КАКО МУ ДОШЛО - тројца од општина Крива Паланка заработија кривични пријави

Vecer | 24.07.2025

ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ПОТПИШУВАЛ КАКО МУ ДОШЛО - тројца од општина Крива Паланка заработија кривични пријави

Градоначалникот на Крива Паланка, С.М. (38), е третопријавен во случај за кој Секторот за внатрешни работи Куманово поднесе кривични пријави против три лица, осомничени за сторување на кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“.

Заедно со него, пријави добиле и К.П. (59) – вработен во општината, како и М.К. (41) – раководителка на Одделението за урбанизам, сообраќај и заштита на животната средина.

Според официјалното соопштение од полицијата, првопријавениот К.П., и покрај тоа што дозволата за градење која ја поседувал инвеститорот била веќе истечена, изготвил решение за промена на инвеститор. Тоа го направил спротивно на Законот за градење, како и надвор од рамките на неговите овластувања и службени обврски.

Второпријавената М.К., според СВР Куманово, не извршила соодветен надзор и контрола врз изготвеното решение. Иако била свесна за истечениот рок на дозволата, таа го потпишала решението, со што му овозможила на лицето Г.С. од Крива Паланка да продолжи со изградба на куќа со деловен простор, и тоа без валидно одобрение за градба.

Третопријавениот, градоначалникот С.М., не презел обврзувачки надзор над предметот и без проверка, со свој потпис или факсимил и печат на општината, го одобрил решението како да е важечко и законско.

„Со овие постапки тројцата осомничени овозможиле незаконито продолжување на градба, спротивно на прописите од Законот за градење и овластувањата што ги имале како службени лица“, информираат од СВР Куманово.

Надлежните институции ги преземаат сите мерки за понатамошна обработка на случајот, а постапката против осомничените продолжува во надлежното обвинителство.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk