logo
logo
logo

Ќе се прави стратегија за образование 2026-2032 година

Пазарот на труд, дигитализацијата и медиумската писменост ќе ги ДИКТИРААТ НАСОКИТЕ НА ШКОЛУВАЊЕТО

Vecer | 05.06.2025

Пазарот на труд, дигитализацијата и медиумската писменост ќе ги ДИКТИРААТ НАСОКИТЕ НА ШКОЛУВАЊЕТО

Повеќе институции, образовни установи, претставници на граѓанскиот сектор и меѓународни партнери на Министерството за образование и наука започнаа со изработка на нова Стратегија за образование која ќе има важност од 2026 до 2032 година, соопшти МОН.

На првата работна средба, министерката за образование и наука Весна Јаневска рече дека документот треба да обезбеди континуитет на тоа што било добро досега, да го модифицира тоа што не ги исполнило во целост очекувањата и да овозможи интегрирање на новите глобални образовни трендови и стандарди кај нас.

– Стратегијата ќе се фокусира на обезбедување еднаков пристап до квалитетно образование за сите, на инклузивноста, грижа за добро ментално и физичко здравје на младите, усогласеност на образовните политики со пазарот на труд, дигитализација, дигитална и медиумска писменост и примена на нови технологии – рече Јаневска.

Таа потенцираше дека Македонија мора забрзано да спроведе покрупни промени, имајќи предвид дека и Европската Комисија имаше забелешки за бавниот развој на образованието во изминатите неколку години.

Министерката изрази благодарност до сите партнери, кои, како што рече, имаат своја стручност и искуство во градење стратегии, креирање политики и во нивната имплементација. Особено се заблагодари на четирите клучни поддржувачи – УНИЦЕФ, УНДП, Светска банка и ГИЗ, со кои потпиша официјално писмо за поддршка.

– Само со издржан стратешки документ, базиран на точни анализи, податоци и факти, можеме да изградиме поквалитетен национален образовен систем. А јас, како ресорен министер уверувам дека Владата ќе биде на висина на задачата и ќе обезбеди доволно ресурси за сè што треба да ги поместиме работите напред – рече министерката Јаневска.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk