Вознемирувачка сцена се случила на автобуската станица кај „Рекорд“ во центарот на Скопје, кога млада мајка со своето аутистично дете се соочила со сериозна криза, а наместо помош од присутните граѓани, добила потсмев и навреди.
Според сведоштвото на очевидецот Елена Доленц, детето, видно вознемирено, настојувало да се качи во автобус кој не бил нивниот, вриштејќи и клоцајќи, додека мајката се обидувала да го смири и да му објасни. Најтешкиот момент настанал кога детето истрчало на улица, а мајката тргнала по него. Еден случаен минувач и помогнал да го извлечат од коловозот, каде автомобили кочеле и свиреле.
„Се вртам кон луѓето, кон мажите што стоеја на станицата и ги молам некој да и помогне на мајката, а тие сите до еден гледаа и се смееја“, напиша Доленц. Таа додаде дека наместо поддршка, еден постар човек и пријде на мајката со зборовите „А да му ја залепиш една?“, сугерирајќи дека детето треба да се тепа за да не прави проблеми.
Мајката се расплакала, што уште повеќе го вознемирило детето, кое повторно се обидело да истрча на улица. Дури откако еден млад човек се вмешал и ја смирил мајката и детето, ситуацијата била ставена под контрола.
„Луѓето си гледаа претстава, се смееја сите до еден“, заврши Доленц во своето сведоштво, опишувајќи го инцидентот како длабоко вознемирувачки пример за недостиг на емпатија во општеството.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата