Министерството за внатрешни работи тргнува во засилена офанзива против организираните криминални мрежи. Во рамките на регионалниот ИПА-проект на ЕУ „EU4FAST“, насочен кон зајакнување на борбата против шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе, на МВР денеска му беше предадена моќна донација со специјализирана опрема и возила.
Граничната полиција и Националната единица добиваат сериозно засилување: 30 алатки за проверка на документи, седум теренски возила и комбиња, пет видеокамери, како и два софистицирани детектори за срцебиење, наменети за откривање луѓе скриени во тајни простори во камиони и возила.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, порача дека државата нема да има милост за оние кои профитираат од човечки судбини.
„Донираните возила и специјализираната опрема веднаш ќе бидат ставени во функција, со што значително ќе се зголемат мобилноста, ефикасноста и оперативните капацитети на полициските единици во справувањето со шверцувањето мигранти и трговијата со луѓе“, истакна Тошковски.
Тој потенцираше дека МВР продолжува да применува строг, но мултидисциплинарен пристап со силна хумана компонента, бидејќи овие форми на криминал удираат директно врз луѓето. Упатувајќи благодарност до Европската Унија, Тошковски нагласи дека земјата останува активен и кредибилен партнер во сите регионални безбедносни иницијативи.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата