logo
logo
logo

ФЗО нагласува дека во последните 4 години нема претставки за непотребни интервенции

Vecer | 21.08.2025

ФЗО нагласува дека во последните 4 години нема претставки за непотребни интервенции

Фондот за здравствено осигурување (ФЗО) соопшти дека внимателно ги следи сите прашања поврзани со квалитетот и безбедноста на здравствените услуги што им се обезбедуваат на осигурениците. Повод за реакцијата се неодамнешните тврдења во јавноста за наводни непотребни медицински интервенции.

„ФЗО останува целосно посветен на транспарентноста, почитувањето на законите и заштитата на правата на пациентите. Во рамки на своите надлежности вршиме редовни контроли на јавните и приватните здравствени установи, за да обезбедиме услугите да се спроведуваат во согласност со законските прописи и договорните обврски,“ велат од ФЗО.

Од институцијата нагласуваат дека во изминатите четири години не се евидентирани претставки за непотребни интервенции, а по сопствен наод биле извршени девет контроли поврзани со приватно наплатени средства.

„Важно е сите чинители во здравствениот систем да се придржуваат кон професионалните стандарди, медицинската етика и принципите на медицина заснована на докази. Тоа се темелите врз кои функционира здравствениот систем,“ истакнуваат од ФЗО.

Воедно потсетуваат дека Фондот нема законска надлежност да ја оценува медицинската оправданост на интервенциите ниту пак да врши инспекциски надзор врз стручната работа на здравствените установи. Тоа, како што појаснуваат, е во доменот на Државниот здравствен и санитарен инспекторат и на специјални комисии формирани од министерот за здравство.

„Ќе продолжиме да работиме на спречување на неправилности во користењето на финансиските средства, во интерес на осигурениците и на квалитетот на здравствените услуги,“ порачуваат од ФЗО, додавајќи апел за одмерена и аргументирана комуникација заснована на проверливи факти за да се зачува довербата во здравствениот систем.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk