Поранешниот ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, проф. д-р Никола Јанкуловски, реагира на изнесените ставови на професорот Тони Дескоски, оценувајќи дека јавноста е доведена во заблуда околу потеклото на изборниот модел за ректор.
„Деновиве во јавноста беа изнесени неточни и селективно презентирани наводи со кои директно се доведува во заблуда јавноста во врска со мојата улога во изборниот модел за ректор на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.
Изнесеното тврдење не кореспондира со целосната фактичка и правна состојба, имајќи предвид дека авторот на текстот објавен на социјалните мрежи не ги презентира сите релевантни околности поврзани со ова прашање.
Со цел да се расчистат фактите, должен сум јавно и аргументирано да укажам на следното:
1. Изборниот модел НЕ произлегува од Статутот, туку од Законот за високото образование. Во јавните настапи тенденциозно се пласира тезата дека клучниот проблем произлегува од Статутот на УКИМ од 2019 година. Ова е неточно. Фактите се јасни: При јавната расправа на Законот за високото образование во 2018 година, објавен на ЕНЕР, не постоеше моделот кој денес се применува. Тогаш беа предвидени две алтернативи: избор на ректор од страна на Сенатот или избор на непосредни и тајни избори од наставно-научните совети. И во двата случаи, деталниот модел требаше да се уреди со статут, односно да остане во доменот на универзитетската автономија. Сепак, по завршување на јавната расправа, во финалната верзија на Законот беше вметната формула за пресметка на изборните резултати – без претходна дебата со академската заедница, која беше изиграна.
2. УКИМ официјално се спротивстави на овој модел. Ова не е личен став, туку институционален факт. УКИМ јавно реагираше и ги изнесе своите забелешки на седница на собраниската Комисија за образование. Сепак, тие аргументи не беа прифатени, а моделот остана дел од Законот. Дополнително, ова го потврдува и фактот дека на седницата на Сенатот, одржана на 08.06.2018 година, во моето експозе јас јасно и недвосмислено се изјаснив против ваквиот модел за избор на ректор.
3. Статутот НЕ го носи ректорот – туку целата академска заедница. Обидите одговорноста да се персонализира се несериозни и неточни. Статутот на УКИМ помина јавна расправа на сите наставно-научни совети, беше разгледуван од Ректорската управа и конечно усвоен од Сенатот, како највисок орган. На самата седница на Сенатот имаше бројни амандмани, за кои се гласаше поединечно. Значи, станува збор за инклузивен и демократски процес, а не за одлука на еден човек.
4. Универзитетот беше ставен во краток и објективно ограничувачки рок. Законот предвиде рок од само 3 месеци за усогласување на статутите, што е крајно краток период за вакви суштински системски промени. Во такви услови, единствената реална опција беше прилагодување на законското решение, а не негово редефинирање.
5. Суштинскиот проблем: законската формула создава нерамнотежа. Клучниот проблем, кој намерно се игнорира во јавните критики, е следниот: Според важечкиот законски модел, процентот на гласови од наставно-научните совети се пондерира со бројот на сенатори. Меѓутоа, поради огромните разлики во големината на единиците (од 10 до 150 членови), се создава апсурдна ситуација – гласот на неколку професори од помала единица може да има иста тежина како гласот на десетици професори од поголема единица.
Ова доведува до нарушување на принципот на еднаква вредност на гласот, отстапување од реалната волја на мнозинството и создава можност за избор на ректор кој не ја одразува доминантната поддршка во Универзитетот.
Обидите да се префрли одговорноста на Статутот или на поединци претставуваат селективно и тенденциозно толкување на фактите. Реалноста е јасна: изборниот модел е директна последица на законско решение донесено без целосна и суштинска јавна дебата.
Статутот, пак, е резултат на колективна одлука на академската заедница, донесена во рамки на законски наметнати ограничувања.
Постојниот систем создава структурни нерамнотежи кои денес јасно се манифестираат. Затоа, наместо персонализација и политизација на прашањето, неопходна е сериозна, аргументирана и институционална дискусија за измена на законското решение, со цел да се обезбеди вистинска правичност и репрезентативност во изборниот процес“, се вели во демантот од проф. Јанкуловски.
Неговата реакција следува по селективната објава на Тони Дескоски, сопруг на екс министерката за образование од СДСМ Рената Дескоска во чие време беа донесени контроверзните и спорни законски измени за избор на Ректор на УКИМ, со кои гласовите на малцинството ги надвладува гласовите на мнозинството и се изврши упад во автономијата на одлучување на УКИМ.
Дескоски, во познатиот стил на СДСМ, си пиша невистина за да го оправда упадот на неговата сопруга во автономијата на одлучување на УКИМ.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата