Младите лекари реагираат за неправичност при вработувањата во јавното здравство и бараат укинување на дискреционото право како архаична алатка која на директорот му дава ексклузивно право да одбере кој ќе биде вработен. Властите најавуваат законски измени за нова постапка на вработување.
Дури ни по 100 пополнети апликации на огласи за вработување, по кои следувале десетина интервјуа, млада докторка од Скопје не успеала да добие постојано работно место. Нејзиното име ѝ е познато на редакцијата на РСЕ, но таа анонимно раскажа за затворените врати на кои наишла по дипломирањето на Медицинскиот факултет откако положила над 60 испити.
„Аплицирав на еден конкурс за вработување во јавна здравствена установа, но безуспешно. За жал, не ги познавав вистинските луѓе. Но ситуацијата е слична и во приватниот сектор, не само во ординациите туку и во фармацевтските компании. Ми се случувало да ми кажат дека местото е веќе договорено, но мора да се пушти оглас“, вели за РСЕ, 27-годишната докторка.
Иако месецов навршуваат две години од добивањето на лиценцата, таа наместо секој ден да третира пациенти, белиот мантил го облекува само повремено.
Вели дека единствениот приход го добива од настани и училишни екскурзии каде е потребен медицински персонал.
„Се трудев да бидам првенец и во основно и во средно, а факултетот освен што исто така бара многу труд, носи и големи трошоци. Ние имаме 61 испит. Тоа се безброј книги и материјали неопходни за да стекнеме знаење, ама по дипломирањето, ако немаш врски нема да се вработиш“, вели докторката која има само хонорарни ангажмани.
Но како што додава таа, овде не е проблем само исполитизираноста во здравството, туку и меѓучовечките односи.
„Многу е жално еден лекар да е во ситуација да не може да најде работа, а сите добро знаеме дека насекаде во државата има недостиг. Тука ако познаваш некого, сѐ ти е решено. Не се цени ниту знаењето, ниту вложениот труд. А нашиот печат носи преголема одговорност, затоа што ние сме тие кои се грижиме за здравјето на нацијата“, вели соговорничката на Радио Слободна Европа.
Демотивираат и ниските плати
Освен врските и непотизмот, демотивирачки според неа, се и платите кои се потпросечни.
„Срамота е еден лекар да зема плата од триесетина илјади денари. Овие примања се прениски, особено за колегите кои веќе имаат и деца“, вели докторката која најмногу ја интересира психијатријата, но веќе е скептична дека воопшто би добила државна специјализација.
Ваквата состојба пак, уште повеќе го демотивирала младиот лекар, Благојче Дишоски кој воопшто не ни аплицирал на оглас за работа од областа на медицината.
Клиничка болница во Штип
Незадоволен од повеќе аспекти, тој решил кариерно да се насочи кон граѓанскиот сектор, каде работи како координатор на финансии.
„Во приватните амбуланти платите најчесто се движат од 25 до 30 илјади денари за почетници за полно работно време. А во државното здравство не сум аплицирал поради неправилностите што ги гледам во повиците и селекцијата, како и недоволните и лоши работни услови“, вели за РСЕ, 29-годишниот лекар кој пред повеќе од една година дипломирал на Медицинскиот факултет во Штип.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата