Ревизорите велат дека во период од само две години во Македонија се случила над 31 илјади сообраќајки, при што загинале 457 лица.
Мерките и активностите на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди, покажува ревизорскиот извештајот на тема „Безбедноста во сообраќајот на патиштата во Република Северна Македонија“ на Државниот завод за ревизија.
- Јавно достапните податоци од веб страната на МВР упатуваат на загрижувачки состојби во однос на бројот на сообраќајни незгоди случени на патиштата во државата: имено во периодот 2020-2023 година се случиле вкупно 31.176 сообраќајни незгоди, од кои 15.724 се со потешки последици, а загинале 457 лица - се наведува во извештајот на ДЗР.

Ревизорите оцениле дека мерките и активностите кои се преземаат од страна на надлежните институции иако придонесуваат за подобрување на условите за управување со безбедноста во сообраќајот на патиштата, не се ефикасни за намалување на жртвите во сообраќајните незгоди до посакуваната состојба на национално и Европско ниво.

Втората Национална стратегија за безбедност во сообраќајот на патишта 2015-2020, како што се посочува, имала за цел бројот на жртви на сообраќајни незгоди до 2020 година да се намали до просечниот број на жртви во земјите-членки на Европската Унија, бројот на жртви – млади возачи да се намали за 30%, бројот на сериозно повредени да се намали за 40% и бројот на деца- жртви на сообраќајни незгоди да се сведе на нула.
По спроведената ревизија било утврдено дека целите не се постигнати, односно бројот на жртви во сообраќајните незгоди за 2020 година не е намален до просекот во државите членки на ЕУ.

- Целта за намалување на бројот на жртви – млади возачи за 30 отсто не е мерлива, бидејќи нема дефинирано категоријата „млад возач“; бројот на сериозно повредени лица кој во 2020 година изнесува 801 лице и не е намален за 40 проценти во однос на 2009 година кога истиот изнесувал 985 лица; бројот на деца - жртви во сообраќајот да биде нула не е постигната и истиот во 2020 година изнесува 8 лица - стои во извештајот.
Ревизорите утврдиле дека во периодот 2019-2023 година, Македонија, во однос на земјите од Западен Балкан освен Косово, има помал број на загинати лица во сообраќајни незгоди на патиштата на милион жители.

Од ДЗР посочуваат дека за периодот по 2020 година не е изготвена нова, трета национална стратегија.
- Во отсуство на нова Национална стратегија, политиките за управување со безбедноста во сообраќајот Владата ги воспоставува и имплементира низ други стратешки и плански документи од областа во координација со други надлежни институции - се наведува во извештајот.
Во него се нагласува дека Национална транспортна стратегија 2018-2030 - НТС е оперативен стратешки документ за подобрување на квалитетот на транспортната инфраструктура и услуги, со активности поврзани со унапредувањето на безбедноста на патиштата во државата, базирана на транспортната политика на ЕУ, транспортната политика на Транспортната опсерваторија на Југоисточна Европа (СЕЕТО), која продолжува со Договор за основање на Транспортната Заедница, ратификуван од Република Македонија во 2017 година. За следење на имплементацијата е задолжено Министерството за транспорт.
Во извештајот на Транспортната заедница за 2023 година, како што посочуваат од ДЗР, нотирано е ниско ниво на вкупниот напредок во спроведувањето на Акцискиот план за безбедност на патиштата во РСМ, кое пред сè се должи на недостиг од национална стратегија за безбедност на патиштата за период 2021 – 2030 година, како и незавршени активности за измена на законската регулатива и формирање на Агенција за безбедност на патиштата.
Според анализите на податоците од базите сообраќајните незгоди со последици се случиле дење (59%), при добри атмосферски услови/сончево време (45%), на улици во населени места (63%) и на сува површина на патот (79%), што укажува на тоа дека условите на патот не се главна причина за предизвикување на сообраќајни незгоди; најголем број се случиле на територија на СВР Скопје-41%; СВР Тетово- 14%; СВР Битола и Охрид – 9%, Штип-8%, Куманово-7%, Велес и Струмица-6%.
Најчестите сообраќајни прекршоци по видови, како што велат од ДЗР, констатирани со спроведените контроли во период 2019-2023 година се однесуваат на брзо возење, поминување на затворен сигнал, неправилно престигнување и недавање првенство на минување.
- При спроведените контроли најголем број од возачите се исклучени поради управување на возило без возачка дозвола, а значаен е и бројот на исклучени возачи поради возење под дејство на алкохол. Поради технички ограничувања на апликацијата за спроведени контроли, како и на внесување на географските координати на локацијата на сообраќајните незгоди, МВР не е во можност истите да ги користи како основ за планирање нови активности и креирање нови мерки за зголемување на ефикасноста на интервенциите на МВР, посочуваат од ДЗР.
Оттаму додаваат дека со Законот за возила е уредено МВР да води Регистар на возила со цел воспоставување систем за размена на податоци меѓу субјектите од областа на возилата за одобрување, пуштање на пазар, технички преглед, регистрација и пуштање во сообраќај на патиштата.
Регистарот на возила, како што велат од ДЗР, се уште не е воспоставен, поради тоа што не е изготвен потребниот подзаконски акт.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата