Народниот правобранител, постапувајќи по предметни случаи на фемицид, констатира пропусти во институционалната реакција поради што е потребно да се обезбеди превенција и координирано системско справување со семејства со ризично однесување, како и воспоставување механизми што овозможуваат рана интервенција и заштита на децата и на другите членови на семејството, дури и кога жртвата формално не поднесува пријава.
На прес-конференција по повод годишниот извештај за состојбата со човековите слободи и права за 2025 година, кој денеска е доставен до Собранието, народниот правобранител Фатон Сељами предупреди дека заштитата е најслабата алка во справувањето со семејното насилство посочувајќи дека жртвата по пријавувањето мора да биде сигурна дека државата ѝ гарантира безбедност наместо да биде принудена да се врати кај своите роднини правејќи ги и нив потенцијални жртви.
При анализа на конкретен случај на фемицид, Сељами истакна дека било констатирано оти Центарот за социјална работа воопшто немал сознанија за проблемите во семејството, а полицијата ненавремено постапувала барајќи формална пријава лично од жртвата.
Сељами истакна дека и покрај тоа што во втората половина на 2025 година институцијата Народен правобранител работела без прв човек, основната дејност за заштитата на граѓаните се одвивала непречено. Според статистичките податоци, било постапувано по вкупно 2.921 претставка, од кои 2.400 биле примени во текот на годината.
– На прво место е правосудството со 307 претставки или 12,79 проценти, потоа следуваат претставките од потрошувачките права, со 264 претставки или 11 проценти, од работните односи 219 претставки или 9,13 проценти и од областа на детските права 189 или 8,25 проценти – прецизира Сељами.
Тој се осврна и на животната средина и еколошките инциденти што се случија минатата година во земјата посочувајќи дека во областа на животната средина е забележано најголемо зголемување на бројот на претставки. Граѓаните реагирале на екстремно загадениот воздух и на еколошките инциденти, како пожарите на депониите и огромните количини пластичен отпад.
– Заштитата на животната средина останува еден од главните предизвици во нашето работење. Од причина што, иако државата е должна на сите да им обезбеди уставно загарантирано право на здрава и чиста животна средина, сепак и минатата година имавме екстремно загаден воздух во поголемите градови во државата. Како последица на лошото управување со отпадот, гореа и депонии, кои и онака се надвор од сите еколошки стандарди. Во областа животна средина бележиме најголемо зголемување на бројот на претставките – посочи Сељами.
Институцијата утврдила дека надлежните органи несоодветно одговараат на поплаките и меѓусебно си ја префрлаат одговорноста.
Дополнително, вели Сељами, загрижува фактот што во државата се издадени само две интегрирани еколошки дозволи за депонирање отпад, и тоа за „Дрисла“ и една за комунална дејност, а воопшто нема дозволи за опасен и за инертен отпад.
Осврнувајќи се на минатогодишните локални избори, Сељами посочи дека над 70 проценти од избирачките места биле непристапни за лицата со попреченост, со несоодветни паравани и со гласачки кутии поставени превисоко за лицата во инвалидски колички, а Брајовите шаблони ретко се користеле поради необученост на одборите.
Народниот правобранител посочи и дека биле евидентирани случаи на институционална неажурност во делот на социјалната заштита и администрацијата истакнувајќи неколку примери на граѓани што се соочуваат со „бирократски апсурд“.
– Имавме случај кога мајка, иако уредно и навреме доставила документи за остварување на правото на еднократна парична помош за новородено бебе, иако барањето ѝ било уважено од Центарот за социјална работа – Делчево, за исплата чекала речиси половина година. Одговорот на Министерството и на Центарот за социјална работа – Делчево беше апсурден. Станувало збор за наводен технички проблем во системот при исплатата на средствата, односно неповрзување на социјалниот број со трансакциската сметка во банка, нешто поради што странката никако не смее да трпи – истакна Сељами.
Извештајот за 2025 година бележи позитивен епилог за образованието на штитениците од воспитно-поправните домови и донесувањето на законските измени за вработување на лицата од аутистичниот спектар.
Наспроти ова, целосно отсуство на напредок е констатирано во постапувањето на управните судови, каде што граѓаните и натаму талкаат низ институциите, како и во работата на извршителите.
– Област во која нема никаков напредок се казнено-поправните установи, во кои условите за престој и натаму се крајно нехумани, деградирачки и го повредуваат достоинството – заклучи Сељами.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата