Заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски денеска на граничниот премин Блаце беше на блокадата од каде што им даде поддршка на превозниците во име на владата и во свое име, како што рече, затоа што протестот е предупредувачки бидејќи превозниците сакат да покажат што ќе се случува по 10 април кога ќе почне да се применува електронското сметање на времето на престој на возачите на камиони во шенген зоната.
Тој смета дека ЕУ има доволно време да најде соодветно решение, а тој предложи три.
– Прво да се одложи ЕЕЗ за превозниците. Второ да се зголеми бројот на денови нивен престој најмногу на 250 денови соодветно поделено на циклуси и третото превозниците да не се третираат како туристи, туку како професионалци и врз основа на тоа да се исклучат од правилата или да им се даваат работни визи како тоа што го прави сега Швајцарија и да можат слободно да транзитираат. Се спротивно од ова ќе има големи последици за македонската, регионалната, но и и за европската економија. Да не заборавиме дека најголем дел од инвестициите во регионот се од земјите на ЕУ односно од земјите на шенген зоната. Тие овде најчесто произведуваат полупроизводи кои во земјите на ЕУ треба да ги претворат во готови производи кои треба да ги извезат надвор од ЕУ. Да не зборувам за земјоделските производи, за транзитот, за грчките производи што одат на север, ниту за коридорот 10 кој е крвоток за европската економијата – рече Николоски.
Тој апелираше ЕУ уште еднаш да размисли и да ја разгледа пораката на балканските превозници и да најде решени ое досега одбивање да го најде.
-Ние повеќе од една година бараме да се најде соодветно решение. За жал тие досега се оглушуваа и не се обидоа да го решат проблемот – рече Николоски.
Тој посочи дека контактира и има координација со сите влади во регионот.
-Ќе се обидам и со пограничните земји на регионот Хрватска и со Бугарија да контактирам и да побарам решение. Ќе контактирам и со други земји – рече Николоски.
Пред тоа генералната секретарка на Макам-транс Билјана Муратовска рече дека превозниците не сакаат со овие блокади да ѝ наштетат на економијата на земјите од Западен Балкан туку само да предупредат на тоа што ќе се случува по 10 април кога возачите од регионот нема да можат да ги исполнат обврските кон своите партнери бидејќи нема да имаат возачи.
Таа рече дека доколку не се најде решение до 10 април, нема потреба да се презема ништо повеќе бидејќи транспортерите ќе запрат со работа, а последиците ќе бидат катастрофални.
ЕВРОПСКАТА КОМИСИЈА ЌЕ ГО РЕШАВА ПРОБЛЕМОТ СО ПРЕВОЗНИЦИТЕ ПРЕКУ ВИЗНАТА СТРАТЕГИЈА
Европската комисија е свесна за загриженоста што ја искажуваат транспортните оператори од Западниот Балкан, внимателно ја следи ситуацијата со блокадите на граничните премини и е во контакт со партнерите од регионот, изјави денеска портпаролот на ЕК за внатрешни работи Маркус Ламерт.
Изјавата на Ламерт беше одговор на новинарско прашање за ставот на ЕК околу блокадите на граничните премини кон Шенген зоната од страна на балканските превозници и нивните обвинувања дека ЕЕС системот ги дискриминира во однос на нивните колеги од ЕУ, како и дали Унијата планира на професионалните возачи да им додели посебен статус и да не ги третира како туристи при влез во блокот.
– Свесни сме дека голем број професионалци од трети земји може да имаат потреба да останат во Шенген зоната повеќе од 90 дена во рок од 180 дена. Ова ги вклучува професиите со висока мобилност, како што се возачите на камиони, но исто така и спортистите и уметниците. Тоа е исто така поврзано и со националните правила и постојните билатерални договори. Ова е прашање на кое сме целосно посветени и на кое работиме и размислуваме во контекст на подготовките на претстојната Визна стратегија, што ќе ја објавиме оваа недела – изјави Ламерт.
Тој повтори дека Системот за влез-излез (ЕЕС) не воведува никакви нови регулативи и никакви нови барања поврзани со должината на престој во Шенген зоната, туку само обезбедува подобра имплементација на постојните правила и систематско откривање на нерегуларни практики.
– Според Шенген правилата, граѓаните на земјите на кои не им е потребна виза за влез во ЕУ имаат право да останат во Шенген зоната 90 дена во период од 180 дена во која било држава. Надвор од ова, престојот мора да биде покриен со виза или со национални аранжмани – додаде Ламерт.
Според него, важно е да се напомене дека овие правила не се нови, туку важат со години подеднакво низ целата територија на Шенген зоната, како и дека тие веќе предвидуваат одредена флексибилност во однос на некои категории работници.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата