Судскиот процес за двојното убиство на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски влезе во завршна фаза, каде адвокатите на обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски, Влатко Кешишев и Александар Ѓорчевски ги изнесуваат своите завршни зборови.
Обвинетите Манев и Кешишев признаа дека учествувале во киднапирањето и убиствата, но тврдат дека планот бил изврешен по грешка. Тие посочија дека нивната намера била да киднапираат друга личност, а киднапирањето на Вања било ненамерно. Манев истакна дека идејниот творец на целата случка бил првообвинетиот Љупчо Палевски, додека Кешишев додаде дека се приклучил поради страв и финансиски потешкотии, а немал значајна улога во подготовката на злосторството.
Од друга страна, Видевски во целост ја негираше својата инволвираност во настаните, наведувајќи дека во критичните моменти се наоѓал на работното место или во партиски простории на „Десна", но не приложи конкретни докази за тоа.
Таткото на убиената Вања, Александар Ѓорчевски, е обвинет за соучество во грабнувањето на својата ќерка, што тој решително го негираше пред судот, тврдејќи дека бил изложен на психолошка и физичка тортура во истрагата.
Обвинителството се произнесе со барање за доживотен затвор за Љупчо Палевски, Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев, додека за Ѓорчевски побара соодветна казна според закон. Следното рочиште ќе биде клучно, бидејќи таму ќе се слушнат завршните зборови на Палевски, по што ќе биде донесена пресудата. Процесот трае над 10 месеци и се очекува со тоа да биде затворен ова дело кое ја потресе јавноста.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата