– Нема разединетост ниту во пратеничката група ниту во партијата. Точно е дека разговараме за сите опции, но засега ние ја напуштаме само работата во работната група за Изборниот законик, изјави на прес-конференција претседателот на СДСМ Венко Филипче.
Филипче ова го кажа одговарајќи на прашање кое го отвори денеска на прес-конференција ЗНАМ поврзано со различните ставови со координаторот на пратеничката група на СДСМ Оливер Спасовски за тоа дали партијата излегува само од работната група за Изборниот законик или и од Собранието.
На прес-конференцијата лидерот на СДСМ рече дека оваа партија (ЗНАМ) веќе не постои ниту на анкети и дека станува збор за група на поранешни членови на СДСМ кои за сопствени финансиски цели „ја разединија и ја поделија партијата“ и, вели, се привезок на ВМРО-ДПМНЕ.
Образложувајќи зошто се против укинувањето на техничката Влада, рече дека новиот Закон за Влада се носи на начин што значи и сузбивање и на демократијата во земјата и дека не се созреани условите да се тргне техничката Влада.
– Ако една техничка Влада, закон, вратен повторно на лично барање на (премиерот) Христијан Мицкоски во 2018 и јасно стои во законот дека тоа ќе биде така до влегување на државата во Европска унија, се поставува прашањето зошто им се брза сега. Зошто го менуваат сега на начин на кој што ги слабеат техничките министри? А укажуваме секојдневно дека начинот на којшто владеат е еднаков на начинот на кој што се владееше во времето на Никола Груевски, рече Филипче обвинувајќи за контрола врз правосудството, медиумите, економијата…
Според него, нема гарант без техничка Влада во форма како што е сега, донесена во 2016 година, а потоа и во 2018…
– Тоа е единствениот гарант дека државата ќе има фер и демократски избори, а ние сме спремни да ги искористиме сите демократски методи за да се бориме против нив, рече Филипче.
На денешната прес-конференција тој изјави дека СДСМ цврсто останува на европскиот пат и нема да дозволи Македонија да биде слепо црево на Балканот и во Европа, најавувајќи дека „доаѓа време на правда и на одговорност“.
Филипче рече дека премиерот Мицкоски давал спротивни изјави за реформите додека евроизвестувачот за нашата земја Вајц „експлицитно вели дека не гледа сериозна посветеност на Владата за реформите особено во делот на владеење на правото“.
Според него, известувачот Вајц јасно и недвосмилено ја критикува оваа власт поради, како што вели „блокирањето на европскиот пат на државата“.
– Европа јасно порачува нема напредок додека не се исполнат условите. И наместо да ја прифати критиката, премиерот повторно влезе во негирање. Јавно вели дека нема да отстапи ни милиметар и дека малцинства како Бугари, Хрвати и Црногорци нема да влезат во Уставот – рече тој.
Филипче смета дека оваа власт наместо да работи на реформи креира конфликти со соседите, има антиевропска пропаганда и ја изолира земјата.
Според него, ние тапкаме во место, младите заминуваат, губиме европски пари, немаме структурни реформи, а Црна Гора наскоро ќе и се приклучи на Унијата и по неа Албанија.
Европа, вели тој, го носи единствениот начин како нашето општество може да просперира.
На новинарско прашање лидерот на СДСМ Филипче одби да одговори на прашање за „златната виза“, нарекувајќи го тоа „дефокус“ и побара да престане, како што вели, таа „кампања“.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата