Движењето ЗНАМ за Наша Македонија ги отфрла како целосно невистинити и злонамерни обвинувањата на СДСМ дека децата биле „принудени“ да пеат песна од изборна кампања посветена на градоначалникот Максим Димитриевски. Велат дека ваквото тврдење е лага и свесна манипулација со која СДСМ се обидува да создаде скандал таму каде што истиот не постои.
Во конкретниот случај, во ОУ Кочо Рацин во Куманово, немало никаква злоупотреба на деца, ниту принуда, ниту политичка активност, ниту било каков организиран партиски ангажман. Станува збор за хуманитарен настан организиран од Советот на родители при училиштето, со благородна цел – помош таму каде што е потребно.
„Целата организација е на родителите во соработка со естрадни уметници, водители, ди-џеи и аниматори кои на свој слободен стил се изразуваат.
Песната е авторска, а не изборна, како што самите ја именуваат, што дополнително ги демантира нивните обвинувања и обидите за политизација на настанот.
Очигледно е дека во целосно отсуство на сопствени политики, идеи и програма, СДСМ повторно се занимава со измислени скандали. Наместо да поздрават настани од ваков хуманитарен карактер, тие напаѓаат и политизираат, што претставува дното на нивното политичко делување.
Движењето ЗНАМ категорично ги отфрла сите инсинуации. Немало и нема никаква злоупотреба на деца. Овие конструкции на СДСМ се очаен обид за политичка дискредитација и дефокус од нивната неспособност да понудат било каква визија.
СДСМ, партија која со години ја злоупотребуваше секоја институција и секој јавен настан за свои партиски цели, денес држи лекции за наводни злоупотреби. Тоа е врв на лицемерие. Дополнително, јавноста секојдневно е сведок на наративот на СДСМ исполнет со конфликти, обвинувања и конструкции, кој ги доведе во отворени судири не само со политичките опоненти, туку и со медиумите, со новинарите и со самите граѓани. Граѓаните одамна ги препознаваат ваквите евтини манипулации и знаат дека вистината е на страната на оние кои работат чесно и во интерес на заедницата, реагират од ЗНАМ
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата