logo
logo
logo

НЕ САКАМЕ ТУЃИ ИГРИ И САБОТАЖИ - Македонија сама си го решава проблемот со транспортерите во Шенген

Vecer | 16.07.2026

НЕ САКАМЕ ТУЃИ ИГРИ И САБОТАЖИ - Македонија сама си го решава проблемот со транспортерите во Шенген

Заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски е задоволен од активностите за надминување на проблемите со престојот на македонските професионални возачи во Шенген зоната и истакнува дека со процесот што државата го води самостојно преку билатерални разговори веќе им се издаваат долгорочни работни визи.   

- Ние  разговорите ги водиме билатерално. Имавме активности коишто беа јавни, но имаме и доста активности на дневно ниво и така ќе продолжиме да работиме. Веќе се договоривме со Швајцарија, со Хрватска, Романија, во финална фаза сме на договор со Словенија, со Австрија и со Германија, што на некој начин го решава целокупниот проблем на македонските транспортери, преку издавање на долгорочни работни визи за нив, кои веќе почнаа да им се издаваат. За Грција и за Бугарија веќе функционира, односно се водат како прекугранични зони и таму воопшто и не се бројат деновите на престој - рече Николоски, на новинарско прашање.

Тој потенцираше дека државава не е и нема да биде дел од ниту една група на земји од регионот и  го води  процесот самостојно затоа што било злоупотребено од одредени други земји, како што рече, дел за естрада, дел за политички поени таму.

- Се што кажаа од тие соседни држави до сега не се реализираше, а тоа може само да не доведе до забуни и да нанесе сериозна штета на домашното стопанство -  изјави Николоски. 

Македонските транспортери, посочи, се доволно свесни и јасно им е - не треба да се потпаѓа под туѓи пропаганди и треба да си ја гледаме нашата работа. 

- Во моментов сум апсолутно задоволен како се одвива нашата работа и како се решаваат проблемите за нас. А, што ќе прават другите тоа е нивна работа и оставам на нив да ги кројат своите политики и стратегии. Она од што сум особено револтиран е дека некаде таму во март месец, почнавме разговори со Европската делегација и Европската комисија на експертско ниво. Тие разговори се зад затворени врати од причина што треба најмалку три-четири циклуси за да се дојде до некое решение. На магичен начин имаше брифинг од тие разговори во една соседна држава, излегуваа во јавноста и се изгуби целата поента што мислам дека е недозволиво. И затоа решивме да го водиме и завршиме процесот сами - изјави вицепремиерот Николоски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk