Во емисијата „Код“ на Телма вечерва беа откриени детали за тоа како марихуаната која што беше фатена во Србија во Коњух била транспортирана од Македонија во Србија.
Имено, според „КОД“, марихуаната влегла во Србија во камион декларирана како „квалитетни лесни македонски перници од Прилеп“ кои „требало“ да патуваат за Манчестер, Англија. Но, во камионот наместо перници, имало 200 кутии од по 6 килограми марихуана, натоварени во камионот на паркинг кај Свети Николе.
Марихуаната на паркингот кај Свети Николе била донесена од повеќе возила од Алфафарм без полициска придружба и претоварена во камионот претходно деклариран како да ќе извезува перници за Англија. Перниците биле извадени од првиот камион и претоварени во втор камион, за да се направи место за кутиите марихуана. Возач на камионот бил Александар Ивановски кој е сега притворен.
Преминот на камионот натоварен со марихуаната бил на Стара Нова Година, ноќта меѓу 13 и 14 јануари. Марихуаната била спакувана во двојно најлонско пакување, за да се намали мирисот и да не се предизвика внимание на кучињата трагачи на граница, објави КОД.
Во декември 2025 година вработените во Алфафарм добиле наредба да спакуваат над 8.800 килограми канабис во кутии кој бил донесен од струмички фабрики, по што работниците за 2 недели ја завршиле работата а потоа газдите ги испратиле на колективен одмор, открива КОД.
Никој не ја намирисал марихуаната и таа не поминала детална проверка на граница. Излезот и транзитот ѝ е како „перници“.
Уште една информација откриена во емисијата од страна на министерот за здравство Азир Алиу, е дека од 10 фирми за одгледување медицински канабис во земјава врз кои бил извршен инспекциски надзор, лиценцата ќе им биде одземена на 6.
Претходно, премиерот Мицкоски посочи дека контролата за излез и извоз од Македонија преку системот "one stop shop" од Македонија кон Србија ја вршат властите на Република Србија.
Додека проверка за влез и увоз во Македонија, преку истиот систем, прават македонските погранични власти - полицијата и царината.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата