Во европските кулоари се шири паника од можна нова енергетска криза, предизвикана од продолжен конфликт на Блискиот Исток и нарушување на снабдувањето со клучните енергенси, иако првичните економски шокови засега се подносливи.
Може ли Европа конечно да создаде енергетска независност на континентот или и натаму ќе ги плаќа ударите на глобалната геополитичка мапа, и како во ова сценарио Македонија може да излезе како добитник?
Поскапувањето на нафтата од околу 10 отсто и на природниот гас на европските берзи од околу 70 отсто засега се во рамките на очекуваните економски шокови од воената интервенција на САД и Израел врз Иран, пишува порталот Фактор
Тие се предизвикани од затворањето на Ормускиот Теснец, како и воздушните напади врз енергетските постројки во земјите од Персискиот Залив, како Катар, кои се главни производители на природен гас од каде се снабдува Европа по санкциите врз Русија.

Во Брисел повторно е активирано паничното копче поради стравот од замена на еден енергетски извор, како Русија, со друг извор, како Катар, преку договорите со американските енергетски компании. Европската индустрија тешко ги поднесува енергетските шокови и, во услови на засилена конкуренција од Кина, повторно е доведена во неповолна положба.
Но, наместо прогласување енергетска криза и дополнително нарушување на пазарот, особено на цените на електричната енергија, во Брисел сè погласно се дебатира за следните чекори кои континентот конечно мора да ги преземе за да ја засили својата енергетска независност.
Единствен европски енергетски пазар?
Едното европско лоби предвидено од Франција инсистира на активирање на нуклеарните реактори, кои треба да се третираат како обновливи извори на енергија бидејќи не користат хидрокарбонати, а другото лоби предводено од Германија инсистира на соларни и ветерни капацитети надополнети со батериски системи за складирање на вишокот енергија и нејзино активирање по потреба.
Второто сценарио е многу поповолно за Македонија – земјата на сонцето.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, најави дека за самитот на крајот на март ќе претстави патоказ за забрзана изградба на European Energy Highways (Енергетски автопати).
Тоа се прекугранични далекуводи кои треба да овозможат полесно пренасочување на енергијата меѓу европските земји и поефикасна мрежа.
ЕУ има цел секоја земја членка да има капацитет за пренос на струја од најмалку 15% од својата инсталирана моќност кон соседите до 2030 година.
Доколку се реализираат плановите за изградба на т.н. енергетски автопати, македонската вишок енергија произведена од сонце многу полесно ќе може да се пласира во заедничката европска мрежа.
Сепак, тука е потребно државата да го реши проблемот со базна енергија за домашните потреби, особено откако ќе бидат затворени термоелектричните централи РЕК Битола и Осломеј, за потоа да биде нето-извозник на енергија.
Проактивната стратегија на македонската влада во поглед на енергетиката дава знаци на оптимизам дека е препознаен поширокиот контекст, но истовремено е неопходно и побрзо делување, особено што за големи енергетски проекти се потребни години.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата