logo
logo
logo

ДОКАЗНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА Е НЕСРЕДЕНА И ХАОТИЧНА, вели одбраната на дел од обвинетите

Vecer | 25.11.2025

ДОКАЗНАТА ДОКУМЕНТАЦИЈА Е НЕСРЕДЕНА И ХАОТИЧНА, вели одбраната на дел од обвинетите

Одбраната на дел од обвинетите за пожарот во Кочани, пред почетокот на денешното рочиште, реагираше до Судот дека го нема добиено изменетото обвинение, а треба да даде воведни зборови.

– Ниту еден од обвинетите, односно најголемиот дел воопшто го немаат добиено интегрираниот текст на обвинението, а ќе се очекува да се дадат воведни зборови. Затоа предлагам судот да го расчисти ова прашање, па потоа да одлучиме во зависност од одлуката на Судот како ќе продолжиме – изјави еден од адвокатите од одбраната.

Одбраната на дел од обвинетите реагираше до Судот и дека доказната документација е целосно несредена и хаотична и побара да им бидат доставени сите докази.

Судијката Диана Груевска Илиевска рече дека Судот смета дека е нормална соработката меѓу обвинетите и бранителите и дека сите го имаат добиено интегрираното обвинение, посочувајќи дека на минатото рочиште Судот побарал електронски адреси на сите кои сакаат да им биде пратено.

– Ние сметаме дека преку бранителите сите треба да го имаат, меѓутоа ако немаат ќе се потрудиме преку судот да име се достави – рече судијката.

Во судницата во Идризово денеска продолжува судењето за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 63 лица, меѓу кои и малолетници, а повеќе од 200 беа повредени. Судењето треба да продолжи со произнесување на вина и воведни зборови на одбраната, откако на изминатото рочиште обвинителството во воведниот говор порача дека се бара одговорност по име и презиме за тоа кој дозволил, кој молчел и кој не ја спречил трагедијата во ноќниот клуб.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk