logo
logo
logo

НАЈАВА ЗА ГОЛЕМИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ГРАДОТ СКОПЈЕ. Се инвестира во овие објекти

Vecer | 23.11.2025

НАЈАВА ЗА ГОЛЕМИ ИНВЕСТИЦИИ ВО ГРАДОТ СКОПЈЕ. Се инвестира во овие објекти

Скопскиот градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, најави историска трансформација на Скопје преку деблокирање на процесот, воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучната инфраструктура.

Оваа визија, според него, предвидува модерно, отворено и европско Скопје, кое го вклучува целиот систем – од општините до граѓаните. Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакна дека преку реализацијата на активностите од проектот „Европска престолнина на културата“, Скопје ќе се трансформира во еден урбан град и ќе му се врати идентитетот

Проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ продолжува. Номинацијата на македонскиот главен град од страна на Европската комисија му беше доделена во септември 2023 година и оттогаш почна да тече периодот за подготовки за негова културна трансформација.

Иако беше најавувана агендата со случувања што треба да се направат од страна на ексградоначалничката Данела Арсовска, во изминативе две години имаше застој.

Европската комисија, во првиот мониторинг извештај објавен кон крајот на 2024 година, нотираше дека Градот Скопје не направил значителен напредок во исполнувањето на директивите наведени од Европската комисија и изрази значајна загриженост дека извештајот поднесен од градските власти не се придржува до деталните упатства дадени од неа. Тогаш, граѓани и културни работници на Скопје поведоа иницијатива за потпишување петиција за одземање на правото на Арсовска за организација и реализација на „Скопје – Европски град за 2028 година“.

Со цел да се деблокира процесот, новиот скопски градоначалник, Орце Ѓорѓиевски, им министрите за надворешни работи и за култура и туризам, Тимчо Муцунски и Зоран Љутков, на средбата во Брисел го уверија еврокомесарот Глен Микалеф за подготвеноста на градот да влезе во нова ера на европски стандарди и трансформација.

Градоначалникот најави историска трансформација на Скопје преку деблокирање на процесот, воведување транспарентно управување и инвестиција од над 55 милиони евра во клучната инфраструктура. Оваа визија, според него, предвидува модерно, отворено и европско Скопје, кое го вклучува целиот систем – од општините до граѓаните.

Ги претставивме нашата јасна позиција за проектот „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“ и подготвеноста на градот, со силна меѓуинституционална поддршка, да ја продолжиме реализацијата на оваа важна европска обврска. И можам со гордост да кажам дека Скопје останува Европска престолнина на културата за 2028 година. Како нов градоначалник, ја отворам најважната страница за нашиот град, започнуваме историска трансформација – изјави Ѓорѓиевски.

Тој истакна дека проектот бил целосно блокиран и управуван спротивно на законските прописи, но нагласи оти со сериозна работа во изминатиот период, процесот е деблокиран и насочен кон транспарентно, професионално и законско функционирање.

– Ова е визија за модерно, отворено и европско Скопје, град што ја вклучува заедницата, ги поттикнува младите, ги поддржува уметниците и создава услови за силна културна размена – наведе Ѓорѓиевски.

Како што нагласи, 2028 година е година кога Скопје, конечно, ќе стане јасно присутно на европската и на светската културна мапа.

Поставуваме европски стандарди со силна и независна управувачка структура, меѓународен советодавен борд и професионален тим што ќе го реализира проектот како што прилега.

Почнуваме и со клучните инфраструктурни промени како што се скопското Кале, Аквадуктот, Скупи, МКЦ, новиот Европски центар за култура, зелените магистрали, новите паркови и современите јавни простори – инвестиција од над 55 милиони евра што ќе го трансформира градот.

Паралелно, го склучуваме и итниот договор за локална соработка и интеграција, прв од ваков ранг во Скопје, кој ги обединува десетте општини, сите училишта, јавните претпријатија, универзитетите, културните институции, НВО-секторот, маргинализираните заедници и секој граѓанин што сака да придонесе. Скопје станува еден заеднички систем, една енергија и една визија. Влегуваме храбро. Работиме чесно. Работиме за сите, Скопје, нашата нова европска приказна, започнува сега – нагласи Ѓорѓиевски.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk