logo
logo
logo

КОГА СЕКОЈ МОЖЕ ДА ГРАДИ - тогаш секој купец може да има вакви проблеми со нив

Vecer | 29.06.2026

КОГА СЕКОЈ МОЖЕ ДА ГРАДИ - тогаш секој купец може да има вакви проблеми со нив

Повеќемина од сопствениците на станови во новата зграда на улица „Преспанска“ во Маџир Маало поднеле тужби против инвеститорот „Декон-ком“ за побарување отштета, затоа што, како што тврдат, веќе две и пол години по предвидениот рок во преддоговорите не им е овозможено да се вселат во своите нови домови.

На зградата сѐ уште не е направен технички прием, затоа што, како што објаснуваат, многу од работите не се завршени – потстаницата не е доправена, лифтот не е пуштен во употреба, нема вентилација во подземните гаражи, низ зградата висат кабли, а пред зградата е неуредено.

Притоа, ништо не се ни работи ниту се прават напори да се завршат овие работи, а во меѓувреме тој веќе гради и продава станови на други локации. Затоа по многу ветувања дека ќе се завршат работите, по многу одложувања на рокот за вселување, немавме друг излез освен да тужиме. Тужбите ги поднесовме поединечно, не групно, затоа што некои од идните станари не се од Скопје и вселувањето не им е приоритет – вели за Слободен печат еден од станарите, кој веќе поднел тужба.

Оттогаш запрела секаква комуникација со инвеститорот. Како што тврдат, инвеститорот одбил медијација, а секакво барање за средба го одбивал упатувајќи ги да си го побараат и да го прашаат адвокатот.

Во јануари купувачите на станови во објектот на улица „Преспанска“ одржаа неколку протести затоа што и покрај постојаните ветувања од инвеститорот, сѐ уште не можат да се вселат во своите нови домови.

Нивното незадоволство кулминирало, како што објаснија, затоа што и по повеќекратно одложување на рокот за вселување, инвеститорот не го испочитувал ниту последниот најавен термин на 31 декември.

Уште од крајот на 2023 година, кога според преддоговорите требаше да биде завршена зградата, постојано слушаме – не сега, во октомври, не сега, во декември. Времето си минува, а ништо не се менува. Зградата сè уште не е поврзана со парно, освен што се ставени во становите радијатори без вентили, нема ограда на влезните скали, гаражата е недовршена и во неа протекува вода. Па барем да го исчистат ѓубрето. За да се направи технички прием, треба сето ова да се заврши, што не се работи подолго време – изјавија тогаш граѓаните.

Но, ниту протестите не помогнаа за луѓето конечно да се вселат во становите како што налага законот – со извршен технички прием, со примопредавање на опремата и со имотни листови.

Во меѓувреме во зградата веќе се вселени два стана, чии сопственици повеќе не можеле да го издржат финансискиот притисок на кој биле изложени, од една страна отплата на кредит за становите, а од друга кирии за живеалиштата додека чекаат да се заврши зградата.

За проблемот на станарите од новата зграда во Маџир Маало, „Слободен печат“ пишуваше уште минатото лето. Тогаш од „Декон-ком“ изјавија дека на објектот се изведуваат завршни работи од подизведувачи, кои требаше да бидат завршени во најкус можен рок.

Сопственикот на фирмата Дејан Велевски лани тврдеше дека е направен прием на сите инсталации, освен на парното, дека е направен прв технички прием на лифтот и дека останува да се направи технички прием за машинската инсталација откако ќе завршат работите на потстаницата на парното. Потоа, требаше да следува и целосен технички прием на зградата и вселување на станарите.

Шест месеци подоцна од фирмата инвеститор за „Слободен печат“ изјавила дека во тек е поставувањето на потстаницата за парно, која веќе била набавена.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk