logo
logo
logo

Позитивен ефект од обилните дождови ВОДОСТОЈОТ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПОРАСНАЛ ЗА 48 САНТИМЕТРИ

Vecer | 10.01.2026

Позитивен ефект од обилните дождови ВОДОСТОЈОТ НА ПРЕСПАНСКОТО ЕЗЕРО ПОРАСНАЛ ЗА 48 САНТИМЕТРИ

Нивото на Преспанското Езеро бележи значително зголемување по обилните врнежи од дожд во изминатите два месеца, покажуваат податоците на Управата за хидрометеоролошки работи. За период од ноември 2025 до почетокот на јануари 2026 година, водостојот пораснал за вкупно 48 сантиметри.

Според мерењата на станицата во Наколец, на 8 јануари 2026 година нивото на езерото изнесувало 841,36 метри надморска височина, додека на 7 ноември лани било 840,88 метри. Само во првиот бран дождови, од 7 ноември до 2 декември, нивото се зголемило за 27 сантиметри, а од тогаш до почетокот на јануари за уште 21 сантиметар.

Интензивните врнежи, иако предизвикаа поплавување на куќи, дворови, магацини и земјоделски површини во дел од преспанскиот регион, донесоа и позитивен ефект врз состојбата на езерото, кое со години се соочува со сериозно опаѓање на водостојот.

Историските податоци покажуваат дека Преспанското Езеро го достигнало својот максимум во 1963 година со 851,83 метри надморска височина. Од тогаш започнал процес на постепено намалување, кој во последните три децении се забрзал поради климатските промени, прекумерното искористување на водите и природното понирање.

Иако научните прогнози во изминатите години беа претежно песимистички, последните податоци носат нова надеж дека состојбата може да се стабилизира доколку продолжат поволните хидролошки услови и се применат соодветни заштитни мерки.

Преспанското Езеро, заедно со околниот крајбрежен појас, е прогласено за споменик на природата и претставува едно од најстарите тектонски езера во светот, со старост поголема од пет милиони години. Освен својата природна убавина, тоа има и исклучително значење за зачувување на биолошката разновидност во регионот.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2026 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2026. Vecer.mk