ДВЕ ИПОЛ години затвор, ова е скандалозната казна намалена за 6 месеци од првичната која Кривичниот суд и ја досуди на Гордана Филиповиќ која пред 4 години на пешачки премин во Скопје го прегази Слободан Ангеловски.
Ова се случува по цели три години голгота за семејството на Слободан Ангеловски кој на пешачки премин беше прегазен во Скопје кај МНТ на 26-ти јануари 2022-ра година, случај во кој неговите најблиски единствено што бараа е правда.
Но наместо тоа, доживејаа пресуда под минимумот, кој изнесува ЧЕТИРИ ГОДИНИ ЗАТВОР за вакво дело. Судскиот процес се развлекуваше, оддолжуваше, а рочиштата постојано се презакажуваа, судењето почнуваше постојано од почеток. И покрај сево ова, правдата не е блиску до задоволена.
Во изјава за Курир, од семејството на чичко Слободан велат дека се разочарани од пресудата на Кривичниот суд, но и дека тие не можат да се жалат на одлуката. Се надеваат дека тоа ќе го стори Јавното обвинителство, кое мора да биде свесно дека ова не е правда.
Предметот се судеше по вторпат откако Апелацискиот суд ја укина претходната пресуда. Пресудата ја соопшти судијката Лидија Петровска. Со првата пресуда Филиповиќ беше осудена на три години затвор, но со новата одлука казната е намалена на две години и шест месеци.
Синот на загинатиот пешак, Столе Ангеловски, изрази силно незадоволство од пресудата и оцени дека казната е премногу ниска.
„Максимално сум разочаран од судството во Македонија. Две години и шест месеци за обвинетата која направила сериозни прекршоци – брзо возење и незастанување на пешачки. Судството не е на два процента, туку е на минус 20 проценти. Ова е шокантна и некоректна пресуда“, изјави Ангеловски.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата