ВМРО-ДПМНЕ со реакција на соопштението на СДСМ обвини дека опозициската партија, наместо да се бори против криминалот и корупцијата, „ги толерира, прикрива и штити“.
Во партиското соопштение се наведува дека присуството на лица со судски пресуди во, како што тврдат, највисоките партиски структури на СДСМ отвора сериозни прашања за нивните вредности и критериуми.
Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека, наместо јасно дистанцирање, СДСМ молчи за случаи поврзани со поранешни функционери, наведувајќи имиња како Артан Груби, Филип Андов – Сокол, Бисера Костадиновска Стојчевска и поранешниот директор на СОЗР, Пеце Мирчевски.
„СДС молчи и го игнорира криминалот и корупцијата, особено кога станува збор за поранешни свои функционери, што дополнително ја поткопува довербата на јавноста“, се наведува во реакцијата.
Партијата обвинува дека во изминатиот период јавноста била сведок на бројни афери поврзани со лица од СДСМ, но наместо расчистување, според нив, следувало молчење или релативизирање.
Дополнително, од ВМРО-ДПМНЕ критикуваат и, како што велат, „селективниот пристап кон правдата“, барајќи од СДСМ јасно да се дистанцира од сите сомнежи и да поддржи независни и транспарентни истраги.
„Доколку СДС навистина се залага за владеење на правото, треба јасно да се огради од сомнежите за криминал и да поддржи темелно расчистување на сите случаи“, се додава во соопштението.
Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека, во спротивно, секое молчење ќе се толкува како застанување на страната на криминалот, наместо на граѓаните и законот.
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата