По повод 120 од погибијата на војводата Александар Турунџев, во организација на Општина Битола, во свечена атмосфера, денес беше откриен споменикот на војводата Александар Турунџев.
Има имиња што не се запишани само во книгите на историјата, тие се врежани во каменот, во срцата и во времето. Денес, Битола ја исправи својата вечна должност: Му подари споменик на вовјодата Александар Турунџев - комитата што чекореше со факелот на вистината, што беше збор - сонце за своето време! Александар Турунџев доби место меѓу Битолчани, но не како сенка од минатото, туку како светлина за иднината. Александар Турунџев беше повеќе од борец, беше симбол на храброста, жртва и визија. Неговиот споменик е завет за Битолчани, за Македонците во светот и татковината!

Предручок делегација на општина Битола предводена од градоначалникот Тони Коњановски и почитувачи на името и делото на Александар Турунџев, после панихидата одржана од свештеник на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија, положија цвеќе на неговиот гроб на гробиштата до битолската црква “Света Недела”.
Во вечерна поворка низ градот, пак, кон која се приклучија многу Битолчани, од Општинското основно училиште “Ѓорѓи Сугарев” каде бил затворен, преку Плоштадот Магнолија, Мостот кај Безистенот, крај реката Драгор, Ат пазар, до Кружниот тек и Ветеринарната - местото каде е поставен споменикот, присутните оддадоа почит за името и делото комитата кој загина на олтарот на татковината за ослободување на цела Македонија.

Пред откривањето на споменикот на еден од најголемите македонски борци за слобдна Македонија - Александар Турунџев, Сузана Турунџиева, потомок на војводата Александар Турунџев со емотивна изведба ја отпеа македонската национална химна, поздравена од присутните! А, “Цела се Битола расплака за Александро Турунџев“ ја отпеа оперскиот пеач Игор Дурловски.
Споменикот свечено беше откриен од градоначалникот Тони Коњановски и потомци на војводата Александар Турунџев.
Вера Милошевска со музичката група “Љубојна“ на свеченото откривање на споменикот на војводата Турунџев во Битола ја отпеа “Параходот ми пристигна”.
Со огномет присутните го поздравија откривањето на споменикот на Александар Турунџев кој отсега ќе ја краси Битола и спомените за ослободувањето на Македонија!
За многаја лета поменот и споменот за војводата Александар Турунџев.

Александар Турунџев e роден во 1872 година во село Горно Врбени, Леринско. Бил војвода на ТМОРО и ВМРО!
Во редовите на ТМОРО се вклучил многу млад, најнапред како четник, а потоа и како војвода.
За време на Илинденското востание со својата чета зел активно учество во борбите кај Леринско. Во текот на сите години на илегално живеење и движење, Турунџев ги обиколува редовно селата во Леринско и некои во Долна Преспа и Битолско.

Станува популарен заради својата храброст и ревност кон природниот стремеж на сопствениот Македонски народ да извојува слобода со оружје во рацете. Освен тоа бил силен маж, атлетски граден, висок, со бујна бушава коса, со високо чело и орелски поглед.
Насекаде бил мил гостин, затоа што со другарите ги истребил најголемите насилници и крвници во Леринско, а оние кои посакувале не се осмелиле да станат нови угнетувачи и мачители на Македонскиот народ, заради големиот страв од Александар Турунџев.
По одлуката за кревање востание на Солунскиот конгрес и нејзиното потврдување на Смилевскиот конгрес, на Турунџев му била доверена обврската да го доорганизира сопственото село и да го подготви за востанието.

Кога завршил со воената обука на своите соселани од најразлични возрасти, но главно на возраст од 20-25 години нагоре, Турунџев со сите нив, околу 230 лица опфатени со обуката, организирал неколкупати талим (маневра) со тоа што во импровизираните судири меѓу востаниците и аскерот учествувале по една половина од вкупниот број.
За време на Илинденското востание во Леринско била запазена директивата на Смилевскиот конгрес за герилско војување, при што дејствувале четите, а селаните останале во своите села. Вкупно биле мобилизирани 500 борци, при што само родното село на Турунџев дало околу 100 храбри востаници.
Османлиските војсководачи изработиле детален план за контраофанзива против македонските револуционерни, востаничките единици. А, да го спречат повторното засилување на востаничкото движење во Леринско, вилаетските власти во Битола донеле одлука за сместување нова единица во родното село на Турунџев, која пристигнала со својот командир на 14 ноември 1903 година.

Неговото присуство не ги исплашило членовите на ТМОРО во легендарното Екши-Су (Горно Врбени), ниту пак ја запрела организационата дејност на легендарниот син на селото Александар Турунџев, кој почнаl со обнова на револуционерната мрежа во својот реон, станувајќи се’ популарен, особено по ревизионата посета на реонот од страна на Даме Груев, врховниот командант за време на Илинденската револуција и неговата верна сенка, бескомпромисниот револуционер - Ѓорѓи Сугарев.
По востанието, Александар Турунџев учествувал во обновувањето на револуционерната мрежа во својот реон, влегол во новиот состав на Леринското горско началство.
Кон крајот на 1904 година, во селото Ајтос, Леринско, бил предаден од шпионот Митре Гинков за 150 жолтици. Бил заробен и одведен во битолскиот истражен затвор.
Таму бил подложен на големи измачувања и држан цела година. Турскиот суд во Битола на 29 август 1905 година го осудил на смрт, а казната била извршена со јавно бесење на битолскиот Ат-пазар, на 30 август 1905 година. Турунџев со пранги на рацете и нозете најпрво бил изложен на плоштадот во Битола. Поворката тргнала од Саат-кулата крај Безистенот, реката Драгор, па сè до Ат-пазар. Турунџев бил сместен на запрежна кола, а напред одел телал кој ја читал веста дека ќе биде егзекутиран. Кон поворката се приклучиле над 3.000 битолчани. Збунетиот поп пред егзекуцијата го прашал: “Кои се твоите последни зборови?“
Тогаш Александар се поткачил на столчето, го фатил јажето, ги подигнал очите кон небото и извикал: “Македонија ќе биде слободна!“ По извикот, сам го ставил јажето на својот врат и се обесил.
Гробот му се наоѓа на битолските гробишта “Света Недела“. Бог да го прости и нека му дари Царство Небесно каде што почиваат душите на праведниците. Слава му!
© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата