logo
logo
logo

Нотарите бараат поскапи услуги поради зголемени трошоци и стари тарифи

Vecer | 19.06.2025

Нотарите бараат поскапи услуги поради зголемени трошоци и стари тарифи

Поради пораст на материјалните трошоци, повеќе од две децении непроменети фиксни тарифи, како и сè поголем број нотарски канцеларии низ државата, од Нотарската комора предлагаат зголемување на цените за одредени услуги. За ваквите предизвици разговарале и со Министерството за правда, каде што побарале измени во законската регулатива.

Тарифата за заверка на документи, која изнесува 100 денари, е непроменета последниве 27 години, информираат од Комората. Нотарите посочуваат дека во рамки на оваа сума е невозможно да се издаде и обработи платен налог, да се изготви и достави решение, да се архивираат документи за период од три години, а потоа да се постапи и со нивното уништување.

Нотарската комора бара и враќање на старите законски решенија според кои на еден нотар би требало да има најмалку 20.000 жители, како и ревидирање на задолжителното учество на адвокатите во процесите пред нотарите.

Нивните барања вклучуваат и корекција на надоместокот за одредени теренски активности без соодветно покривање на трошоците. „Ние работиме задачи на терен без ниту материјално, ниту финансиско признание. Очекуваме барем овие ангажмани да бидат соодветно вреднувани. Ако се зборува за зголемување од 100% – тоа значи од 100 денари на 200 денари. За споредба, Куманово има 70.000 жители, а работат 14 нотари, кога според критериумот би требало да се четири или пет. Слична е состојбата и во Скопје, каде што има 70 нотарски канцеларии на 660.000 жители“, потенцираат од Комората.

Исто така, нотарите укажуваат дека за одредени предмети поврзани со наплата на комунални услуги, тие добиваат процент значително помал во споредба со хонорарите на адвокатите и извршителите. Дополнително, нотарските тарифи биле значително намалени за заверка на документи за купопродажба на недвижности и движнини. Пример за тоа е солемизација на купопродажба на стан од околу 50 метри квадратни, која денес чини 4.600 денари, додека во 1998 година изнесувала околу 400 германски марки.

Како уште еден проблем се наведува и обврската за физичко чување на документите, што за нотарите претставува дополнителен трошок за простор. Оттаму, се предлага воведување на електронско чување и пристап до архивата.

© Vecer.mk, правата за текстот се на редакцијата

logo

Vecer.mk е прв македонски информативен портал, основан во 2004 година.

2004-2025 © Вечер, сите права задржани

Сите содржини и објави на vecer.mk се авторско право на редакцијата. Делумно или целосно преземање не е дозволено.

Develop & Design MAKSMEDIA LTD Skopje Copyright © 2004-2025. Vecer.mk